/ Прочитано:

1.178

Единствениот процес за обвинетите во предметот „Дива Населба“ и во предметот „Молња“ почнува од почеток

Неофицијално, судењето повторно ќе биде одложено. Од Судот најавуваат дека дополнително ќе бидат соопштени причините за одложувањето.

Дива населба, прво рочиште

Откако минатата недела со одлука на Владата беше решено на Кривичниот суд да му биде отстапена големата сала на Врховниот суд, денеска се очекува да започне судењето за процесот „Дива Населба“. Неофицијално, судењето повторно ќе биде одложено. Од Судот најавуваат дека дополнително ќе бидат соопштени причините за одложувањето.

Судот пред две недели предметот „Молња“ за обвинетите за логистика на кумановската група од Дива Населба го спои со предметот „Дива Населба“.

„Судот донесе решение на 4.5.2016 година со кое се врши спојување на постапките. Од тоа произлегува дека има 37 обвинети, 15 адвокати, голем број на лица кои го обезбедуваат спроводот на обвинетите од казнено-поправните установи, новинари заинтересирани да ги следат рочиштата, како и голем број на припадници на МВР кои безбедносно го обезбедуваат просторот околу судските згради“, рече судијката Верка Петковска.

Како што најави судијката Петковска, единствениот процес ќе започне од почеток, со читање на обвинителниот акт и со произнесување на обвинетите за вина.

По спојувањето на двата предмети, Кривичниот суд не можеше да најде соодветна просторија каде што ќе бидат исполнети сите услови за одржување на судењето. Преку барање упатено до Министерството за правда, а со одлука на Владата беше одредено судењето да се одвива во големата сала на Врховниот суд која претходно претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, не сакаше да ја отстапи поради безбедносни причини.

Во предметот „Дива Населба“ обвинети се 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела терористичко организирање од членот 394 – а и тероризам од членот 394 -б од Кривичниот законик. Судењето започна на 9 февруари, а на досегашните рочишта обвинетите се произнесоа дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар и беа сослушани бројни сведоци на Обвинителството: роднини и соседи на обвинетите и полициски службеници учесници во дводневните вооружени престрелки.

Во предметот „Молња“, пак, обвинети се 8 лица за помагање на вооружената група.

Како што истакна застапникот на обвинението од Обвинителството за организиран криминал и корупција Наум Пановски, организаторите на кумановската група регрутирале лица од локалното население кои ќе им дадат логистичка поддршка.