Годишен извештај на Советот на јавните обвинители
Годишниот извештај на Советот на јавните обвинители е на разгледување во Собранието. Според извештајот, во 2019 година Советот постапувал по вкупно 171 претставка, што во однос на 2018 година, кога биле евидентирани 201 претставка, е намалување на обемот на работа за 30 претставки или за 15 %.
Од вкупно 171 претставка, најголемо учество со поднесени 150 претставки заземаат физички лица, од кои 144 претставки се поднесени од оштетени, 5 се од обвинети и 1 е од други субјекти.
Статистичките податоци укажуваат дека од вкупно поднесените 171 претставка, непосредно до Советот се поднесени 167, а индиректно преку други институции се препратени 4 претставки.
Од изразените статистички податоци евидентна е констатацијата дека во вкупниот број на поднесени претставки – 171, обвинетите лица учествуваат со само 3 %, или во бројки само 5 претставки, додека пак доминантниот бројот претставки – 144 или 84 % поднесени се од оштетени лица во постапките.
По конкретни јавни обвинителства поднесени се:
- 1 претставка за Јавно обвинителство на РСМ;
- 6 претставки за вишите јавни обвинителства;
- 3 претставки за Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција;
- 161 претставка за основните јавни обвинителства.
„Од изнесените податоци може да се заклучи дека најголем број претставки се однесуваат на работата на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство Скопје, со оглед на обемот на работата што ова обвинителство го има во вкупниот обем на работа на сите основни јавни обвинителства во Републиката.
Од анализата на содржината на претставките, по ниту еден критериум не е можно нивно групирање и статистичка обработка врз основа на основите поради кои се поднесуваат, но заедничко за сите е изразеното незадоволство од постапувањето и од одлуките на јавните обвинители, па така:
Оштетените граѓани и правни лица се незадоволни поради наводно непостапување или неажурно постапување по поднесени кривични пријави и недобивање на известувања од нивна страна во подолг период, а особено се незадоволни од донесените решенија за отфрлање на кривичните пријави кои во голем процент и се обжалени до вишите јавни обвинителства.
Во мал број случаи претставките се однесуваат и на застарувања на кривичното гонење. Во одредени случаи се забележува несоодветно постапување на основните обвинителства по упатствата на вишите јавни обвинителства. Поради недостигот на јавни обвинители и друг јавнообвинителски кадар во основните јавни обвинителства, како што е и претходно наведено, се забележува зголемување на неажурноста во истите. Ваквата состојба особено се изразува во ОЈО Скопје и ОЈО Гостивар“, се вели во извештајот.
Обвинетите лица како подносители на претставките, се додава во извештајот, се незадоволни што против нив се водат кривични постапки, сметаат дека обвиненијата против нив се тенденциозни и резултат на нестручно постапување на јавните обвинители. Обвинетите сугерираат за повлекување на обвиненијата, за нивно прецизирање или за измена на правната квалификација на кривичното дело и слично. Претставките на оштетените и обвинетите лица се и со барања за изземање на јавните обвинители, утврдување на дисциплинска одговорност и нивно разрешување.
„Советот во 2019 година согласно Законот, а на начин и во постапката пропишана со Деловникот за неговата работа има постапено по сите претставки.
Мораме да нагласиме дека во текот на проверките на наводите во претставките, воочени се пропуштања во постапувањата на јавните обвинители, од формална природа, во мал дел и пропуштања од суштинска природа. Поради тоа од повисоките јавни обвинителства им е укажувано во иднина да не се повторуваат вакви повреди, меѓутоа констатирано е дека истите не биле од влијание на законитоста на донесени одлуки“, се истакнува во извештајот.
M.В