Годишен извештај за примената на Законот за бесплатна правна помош
Министерството за правда го објави денес Годишниот извештај за примената на Законот за бесплатна правна помош на својата веб-страница.
Како што се наведува во Извештајот, активностите кои се однесуваат на бесплатната правна помош се извршуваат преку Одделението за БПП и подрачните одделенија во рамки на Секторот за бесплатна правна помош и политички систем на Министерството за правда.
Одделението за бесплатна правна помош брои 5 вработени, а во подрачните одделенија (вкупно 21) работат вкупно 99 вработени од кои 20 лица се со овластување за потпишување на реалните акти – потврди и известувања.
Министерството за правда води регистри за давателите на претходна правна помош и правна помош во судски и управни постапки, кои се објавени на веб-страницата. Според податоците презентирани во Извештајот:
– во Регистарот на адвокати за давање на правна помош запишани се вкупно 441 адвокати, од кои 46 во 2021 година;
– во Регистарот на здруженија за давање правна помош запишани се вкупно 15 здруженија, од кои 4 во 2021 година;
– во Регистарот на правни клиники запишани се вкупно 6 клиники, во 2021 година нема запишани нови клиники.
Примарна правна помош
Во 2021 година преку подрачните одделенија, овластените здруженија и правните клиники, вкупно 3266 лица добиле примарна правна помош, односно 1194 преку подрачните одделенија, 2062 преку овластените здруженија и 10 преку правните клиники.
Согласно извештаите на давателите на бесплатна правна помош најчесто поднесени барања за примарна правна помош во 2021 година се од областа на: имотно-правни работи, развод на брак, изрекување на мерки за заштита на жртви од семејно насилство, заштита на деца, утврдување на татковство итн.
Секундарна правна помош
Според Извештајот, во однос на 2020 година, во 2021 година бројот на поднесени барања за секундарна правна помош се зголемил за 42%. Бројот пак на одобрени барања за секундарна правна помош во 2021 година се зголемил за 53%. Бројот на одбиени барања за секундарна правна помош се намалил во 2021 година во однос на 2020 година за 7.2%.
Согласно извештаите на подрачните одделенија на бесплатна правна помош при Министерството за правда најчесто поднесени барања за секундарна правна помош во 2021 година се од областа на: имотно-правни работи, развод на брак, изрекување на мерки за заштита на жртви од семејно насилство, заштита на деца, утврдување на татковство итн.
Буџет и финансиски податоци
Со буџетот на Министерство за правда за 2021 година, одобрени средства/буџет за бесплатна правна помош за 2021 година изнесува 5.000.000,00 денари. Реализираниот годишен буџет за бесплатна правна помош во 2021 година изнесува 1.736.258,00 денари.
Врз основа на Решенија на адвокати и адвокатски друштва во 2021 година исплатени им се средства во висина од 1.697.103,00 денари, а на Здруженија во 2021 година исплатени им се средства во висина од 39.155,00 денари.
Со буџетот на Министерство за правда за 2022 година, за БПП обезбедени се средства во висина од 5.000.000,00 денари, на буџетска сметка 637 – Програма 10 Администрација – Ставка 425 Договорни услуги.
Во однос на обемот на вратени средства од наплатени трошоци во постапката за извршување, во 2021 година нема извршено поврат на средства од наплатени трошоци за правна помош.
Целосниот текст на Извештајот може да го видите на следниот линк.