/ Прочитано:

1.131

Годишниот извештај на ДЗР пред пратениците: „Нема сила што може да биде посилна од силата на законите“

Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија во 2017 година е пред пратениците. Извештајот започнува со мислата на Цицерон „Нема сила што може да биде посилна од силата на законите“, и опфаќа прашања што се однесуваат на извршените ревизии во областа на основниот буџет, политичките партии, ДИК, локалната самоуправа, јавните претпријатија на локално ниво, Министерството за култура, транспарентноста итн.

Во врска со политичките партии, во извештајот се вели дека политичките партии се непрофитни, доброволни организација на граѓани, формирани за остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и заради учество во процесот на донесување на политички одлуки при учество во власта.

Политичките партии своите цели ги остваруваат преку демократско формирање и изразување на политичката волја со учество на избори, како и на друг демократски начин.

Средствата за своето дејствување ги обезбедуваат од јавни и приватни извори на финансирање. Како јавни извори на финансирање, вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се планираат во буџетот на Министерството за правда за секоја фискална година, додека од законски предвидените приватни извори на финансирање, политичките партии во најголем дел средствата ги обезбедуваат од членарини и донации.

Исто така, во насока на остварување на целите и вршење на активностите утврдени со статутот на партијата и со закон, политичките партии имаат право на сопственост на деловен простор, опрема, канцелариски материјал, превозни средства и друг движен имот.

Државниот завод за ревизија како надлежен орган за вршење надзор над финансиско материјалното работење на политичките партии, континуирано врши ревизија на сметките за редовно работење на најголемите партии во државата.

Ревизијата утврди неправилности особено во делот на обезбедување комплетна документација за потврдување на веродостојноста на евидентираните расходи, благајничкото работење, спроведување на целосен попис на средствата и изворите на средства, кој ќе овозможи потврдување на усогласеноста на сметководствената со фактичката состојба, плаќање на обврски од сметката за редовно работење на партијата по направени расходи во изборна кампања или давање позајмици на сметката на изборната кампања.

Ревизијата обелодени и состојби што се резултат на надворешни фактори и околности што произлегуваат од одредени законски и подзаконски решенија и ги даде следните препораки:

„Надлежните органи треба да донесат поконкретни насоки за постапување во однос на признавањето на приходите и расходите според сметководствено начело на модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции и нивното евидентирање, како и доуредување и усогласување на подзаконските акти во кои се пропишани сметководствените позиции и сметки за непрофитните организации, а кои предвидуваат и пресметковни позиции чие признавање се темели на сметководственото начело на ‘пресметковна основа“;

Потребно е надлежните органи да преземат активности за усогласување на подзаконските акти со изворите на финансирање на партиите предвидени со важечката законска регулатива со пропишаниот образец на Годишен финансиски извештај за политичките партии;

Заради уедначено постапување кај сите политички субјекти, потребно е надлежните органи да донесат поконкретни насоки за регулирање на начинот на плаќање, уплата, евидентирање, со цел еднообразност во начинот на нивното сметководствено евидентирање и потврдување на законски утврдениот лимит за секој член одделно и пренос на истите на сметките за изборната кампања и да се изврши усогласување на Упатството за распределба на средствата од Буџетот на Република Македонија за годишно финансирање на политичките партии со Законот за финансирање на политичките партии со цел попрецизно регулирање на начинот на финансирање на политичките партии од Буџетот на Република Македонија.“

М.В