/Прочитано:

192

Граѓанските организации бараат итно донесување на Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

Вкупно 100 мрежи, граѓански организации, здруженија и фондации кои ги застапуваат правата на различните групи граѓани кои се соочуваат со дискриминација во Македонија денес одржаа прес-конференција на која ги изнесоа барањата за итно донесување на Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација.

Прес-конференцијата беше во организација на 100 здруженија и фондации кои ги застапуваат правата на различни групи граѓани кои се соочуваат со дискриминација, како и младински организации, мултикултурни здруженија, здруженија кои работат на ЕУ-интеграција и се застапуваат за демократизација на општеството во повеќе области.

Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација веќе 8 месеци е заглавен во Собранието. Граѓанските организации велат дека неговото донесување арбитрарно се одолговлекува, што ги лишува граѓаните од ефективни и ефикасни механизми кои ќе ги заштитуваат од дискриминацијата со која секојдневно се соочуваат во различни области.

„Досегашното законско решение не ја оствари целта, односно не придонесе кон ефикасна и ефективна заштита од дискриминација. Мапираните недостатоци во постојниот закон се надминаа со Предлог-законот, кој предвидува професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација, построги критериуми за избор на комисионерите, јавно спроведен избор на комисионери, пократки рокови на постапката за заштита од дискриминација, јакнење на независноста на ова тело и зголемување на надлежностите. Со Предлог-законот се предвидува и ослободување од плаќање на трошоци за судски такси за граѓаните коишто ќе поведат постапка за дискриминација и се овозможува тужба за заштита од јавен интерес (actio popularis). Во Предлог-законот конечно се додадоа сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација, а се проширија и се доуредија облиците на дискриминација – имено, експлицитно се препозна сегрегацијата како облик на дискриминација, што е од исклучително значење за Ромите и луѓето со попреченост“, велат од граѓанските организации.

„Истакнуваме дека донесувањето на законот е неопходно за градење на еднакво и инклузивно општество во кое нема да се премолчува пред дискриминацијата кон кој било граѓанин и граѓанка. Ромите, жените, луѓето со попреченост, ЛГБТИ-луѓето, сиромашните и социјално исклучените граѓани, различните етнички заедници, сексуални работници, луѓето што живеат со ХИВ, луѓето што употребуваат дроги и останатите различни групи на пациенти се соочуваат со маргинализација како последица од дискриминаторските практики на институциите и предрасудите од страна на околината. Дискриминацијата претставува клучен проблем за сите овие заедници: им го оневозможува учеството во општеството под еднакви услови и генерира сиромаштија, ранливост на насилство и исклучување од сите општествени сфери“, додаваат граѓанските организации.

Со одолговлекување и блокирање на донесувањето на овој закон, Собранието го загрозува и процесот на европските интеграции.

Европската комисија бара, велат организациите, промена на Законот во согласност со стандардите на европското право уште од 2011 година. Амбасадите кои ја поддржуваат Македонија во европските  интеграции порачаа дека донесувањето на законот е услов за позитивен извештај за Македонија и за почеток на преговорите за членство.

„Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, како што е предложен на Собранието, веќе доби позитивно мислење од Венецијанската комисија, што е уште една потврда за квалитетот на предлогот и за придобивките кои ќе ги донесе за граѓаните на нашата држава.

Со цел пресретнување на роковите за следниот извештај на Европската комисија, избегнување на понатамошно одолговлекување и понатамошни повреди на човековите права на граѓаните, бараме Собранието веднаш да свика седница на матичното тело за законот, Комисијата за труд и социјална политика, и да ја заврши законодавната постапка пред претседателските избори“, истакнуваат граѓанските организации.

Организатори и поддржувачи на барањата се 100 здруженија, сојузи и фондации и мрежи на граѓански организации.

Граѓански организации бараат итно усвојување на Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

Законот за антидискриминација се соочува со опструкции во Собранието, реагираат од Мрежата за заштита од дискриминација

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација во собраниска процедура

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација презентиран во МТСП

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација прифатен во владина процедура

Објавен текстот на Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

Во подготовка Законот за спречување и заштита од дискриминација чиј текст ќе биде усогласен со меѓународните стандарди

Јавна дебата за новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација

М.В