/ Прочитано:

3.002

Хелсиншки комитет: Нестручно постапување на судија во постапка за заштита од семејно насилство

Постапувајќи по добиено барање за бесплатна правна помош од жена жртва на семејно насилство, претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се јавија како придружници на жртвата во постапката за изрекување на привремена мерка за семејно насилство, која се водеше пред Основниот суд Скопје 2 Скопје, информираат од Хелсиншкиот комитет.

„Пред официјалниот почеток на рочиштето, судијата започна со распрашување на странката и на противникот дали постои можност да се смират, со оглед дека се млади и имаат деца. Неколку пати ѝ се обрати на странката дали останува кон доставениот предлог за изрекување на привремени мерки, или пак можеби се премислила, со оглед дека се брачни другари и имаат деца.

Со оглед дека противникот се изјасни дека тој сака да се смират и сака таа да се врати дома заедно со децата, судијата неколку пати ја праша дали и таа се согласува за истото. Дополнително, судијата одби да донесе одлука по поднесеното барање за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство, иако беа исполнети сите услови и насилникот призна дека вршел насилство.

Судот непотребно бараше да се прибават докази од центар за социјална работа и полиција, иако во доставениот предлог како доказ е доставено решение за изрекување на прекршочна санкција од страна на Министерството за внатрешни работи поради извршено семејно насилство во 2015 година. На овој начин судијата не го испочитува законскиот рок од донесување на одлука, во согласност со членот 44 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, доведувајќи ја жртвата повторно во ризик од трпење на ново насилство поради неефикасност на судот“, велат од Комитетот.

Како организација за човекови права, која повеќе од 24 години работи на превенција и заштита од семејно насилство, како и следење на судските постапки иницирани за заштита од семејно насилство, посочуваат од Комитетот, би сакале да истакнеме дека ваквото постапување на судијата е надвор од сите законски овластувања, а е спротивно и од сите стандарди за постапување со жртви на семејно насилство.

„Поради ова, Хелсиншкиот комитет поднесе претставка против судијата до претседателот на Основниот суд Скопје 2 Скопје, во која ја истакна загриженоста за нестручното и несовесно работење и непочитувањето на правото на правна заштита на жртвите на семејно насилство, превенција од идно насилство и соодветно казнување на насилниците. Особена загриженост беше истакната околу фактот што судијката смета дека процесната постапка ѝ дава вакви овластувања и дека тоа претставува неофицијален дел од постапките, поради што ваквите разговори не се евидентирани во записник. Од претседателот на судот беше побарано да се разгледаат можностите за поведување постапка за утврдување одговорност за нестручно и несовесно вршење на судиската функција поради потешка повреда на правата на жртвите на семејно насилство и за одлуката за иницирање на ваква постапка соодветно да нè извести.

Во одговорот што го добивме од страна на претседателот на Основниот суд Скопје 2 Скопје е наведено дека укажувањата до странките биле насочени кон спречување на вршење на вакво дело, сфаќање на институтот семејство во кое има деца како задолжителен напор на судот“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет во месечниот извештај за човековите права.

Во постапките иницирани за заштита од семејно насилство судот нема никакво право да се меша во одлуките на жртвата, ниту да поставува прашања кои би довеле до повлекување на предлог за заштита, а со тоа и неказнивост на насилникот. Впрочем, мерките за заштита од семејно насилство можат да се изречат и тогаш кога лицата се сè уште во брачна или вонбрачна заедница, со оглед дека нивната цел е да превенираат идно насилство врз жртвите“, препорачуваат од Комитетот.

М.В