/ Прочитано:

1.754

Идејата е СЈО да се приклучи во рамките на Јавното обвинителство, вели министерот за правда

Денеска министерот за правда, Билен Салији, одржа прес-конференција по повод 100-те дена од формирање на новата Влада и работењето на Министерството за правда во овој период.

Како што нагласи министерот за правда, Билен Салији, Министерството за правда во овој период било фокусирано кон потребните реформи во правосудството, а во согласност со Нацрт-стратегијата за правосудниот сектор која е подготвена од страна на работните групи во Министерството.

Во рамките на клучните активности преземени во изминатиот период, Салији ги наведе формирањето на Советот за реформа на правосудниот сектор надлежен да ги координира, следи и да дава насоки за реформите и формирањето на Работна група за изготвување на Стратегија за реформа на правосудниот сектор со Акциски план .

„Во оваа Стратегија е  предвидено Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да стане дел од Јавното обвинителство на Република Македонија, како посебен оддел кој ќе се занимава со повисоки кривични дела. Идејата е СЈО да се приклучи во рамките на државното Јавно обвинителство како специјален оддел. Во таа насока, се работи на подготовка на закон за измени на Законот за СЈО“, подвлече министерот за правда.

„Изминатиот период беа формирани Работната група за изготвување на предлог- законот за изменување на законот за Судски совет и Законот за судови во делот на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, основите за дисциплинска одговорност, дисциплински мерки и оценување на судиите, потоа Работна група која треба да ги разгледа препораките на Венецијанската Комисија и да ја утврди потребата од измена на Законот за заштита на приватноста, Работна група за подготовка на измени на Законот за заштита на укажувачи за кој измените се во завршна фаза, како и Работна група за изготвување на предлог-закон за заштита на сведоци што е во завршна фаза на подготовка“, истакна министерот.

Една од значајните активности на Министерството за правда во овој месец, додаде министерот,  е започнување со увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС), за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност поради што е формиран посебен тим. Република Македонија, нагласи Салији, и официјално стана членка на Агенцијата за фундаментални права на ЕУ.

Како Министерство за правда, рече Салији, настојуваме да се оформат законски решенија за понезависно функционирање на системот и мојата основна препорака е политиката да е подалеку од судството.

Во врска со Законот за амнестија, министерот подвлече дека законско решение нема да се донесе пред изборите, а идејата на решението е да се растоварат казнено-поправните установи. Според министерот за правда, предлогот за донесување на нов закон за амнестија е израз на добра волја на државата кон одредена група правосилно осудени лица, со цел нивна ресоцијализација, како и растоварување на затворите од прекумерниот број лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна, воедно и подобрување на условите во казнено-поправните установи во државата.

За законот за јазиците, министерот Салији образложи дека било одлучено по усвојувањето на овој закон од Собранието на РМ, тој да се прати на мислење во Венецијанската комисија заедно со двете спорни одредби кои се однесуваат на хартиените и кованите пари, како и за униформите на АРМ.

М.В