/ Прочитано:

566

Идни предизвици и унапредување на соработката со големите даночни обврзници

Во организација на Управата за јавни приходи се одржа виртуелен настан „Идни предизвици и унапредување на соработката со големите даночни обврзници“ по повод 15 години Дирекција за големи даночни обврзници и 20 години фискализација.

Настанот го отвори Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, при што се разви суштинска и конструктивна дискусија со ЗПВРСМ Фатмир Битиќи, Министерот за финансии Фатмир Бесими, поранешниот министер за финансии Никола Поповски, Зоран Јовановски од Стопанската комора, претседателката на Комисијата за хартии од вредност Нора Алити, Маја Штерјова од Македонската банкарска асоцијација, претставник на ММФ експертот Дмитри Јегоров, големите даночни обврзници Млекара АД Битола, Витаминка АД Прилеп и Фершпед АД Скопје, каде сите дадоа активен придонес со осврт на минатиот период и со идеи и мислења за правецот по кој треба да се движи меѓусебната соработка со крајна цел успешен и функционален даночен систем.

Присутните заеднички констатираа дека правилниот пристап кон даночните обврзници обезбедува правилно и ефикасно собирање на даноците значајни за националната економија, а борбата против сивата економија треба да е бескомпромисна и успешна, бидејќи само на тој начин ќе придонесе сите да плаќаат даноци.

Исто така се потенцираше дека придобивките од фискализацијата се видни во борбата со сивата економија и нелојалната конкуренција и пораст на приходите во Буџетот преку зголемениот процент на регистрирање на готовинските плаќања, додека Дирекцијата за големи даночни обврзници, отсекогаш била предвесник на позитивните промени, на иновациите и новините во работењето, од кои бенефит имаат сите инволвирани во даночниот систем.

М.В