/ Прочитано:

1.611

Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ во фокусот на Самитот во Трст

Самитот „ЕУ - Западен Балкан“, кој во рамки на Берлинскиот процес ќе се одржи на 12 јули во Трст, ќе помогне за придвижување на евроинтеграциите на регионот и ќе донесе конкретен исчекор во однос на неговото инфраструктурно и економско поврзување.

Амбасадорот на Италија во Република Македонија, Карло Ромео, на денешната заедничка прес-конференција со шефот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, истакнаа дека Самитот „ЕУ – Западен Балкан“, во рамки на Берлинскиот процес кој ќе се одржи на 12 јули во Трст, ќе помогне за придвижување на евроинтеграциите на регионот и ќе донесе конкретен исчекор во однос на неговото инфраструктурно и економско поврзување.

Ромео нагласи дека покрај премиерите на шесте земји од Западен Балкан, на Самитот во Трст ќе присуствуваат и министрите за економија и транспорт, како и високи претставници на ЕУ и на Европската комисија, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан, како и еврокомесарот за транспорт Виолета Болц. 

Италијанскиот амбасадор е уверен дека претстојниот Самит ќе придонесе за важен исчекор и значаен пресврт и ќе овозможи да се смени перцепцијата за Европската Унија во регионот и обратно, на ЕУ спрема регионот.

„Се надевам дека лидерите на шесте земји ќе дојдат во Трст во добар дух и со конструктивно расположение и ќе ја искористат политичката можност што ја дава овој самит за да се потврдат себеси како реформски и проевропски лидери“, рече амбасадорот Ромео.

Според него, историски исчекор во Трст ќе биде потпишувањето на договорот за формирање транспортна заедница во регионот, како и Канцеларија за соработка на стопанските комори од Западен Балкан, а ќе бидат презентирани и седум регионални проекти во вкупна вредност од 200 милиони долари кои ќе бидат обезбедени како грант.  

Евроамбасадорот Жбогар истакна дека Европската Унија посветува огромно внимание на земјите од Западен Балкан, па во оваа насока, веќе се обезбедени 1,3 милијарди евра за регионот, а овие финансиски средства, како што рече, треба да се искористат до крајот на 2020 година, за проекти во областа на инфраструктурата, енергетиката, животната средина и иновациите.

„Ќе биде засегната сферата на економска интеграција, односно она што самите премиери ќе го дискутираат во Трст и акциониот план што ќе го усвојат се однесува на интеграција на самиот регион на патот кон ЕУ. Всушност, тоа треба да го олесни зголемувањето на трговијата меѓу земјите и отстранување на пречките за нивно интегрирање. Ќе се разговара и за инвестиции како да се промовира целиот регион како поле за инвестиции. Меѓутоа, тоа не е унија туку подготовка на регионот од трговски аспект и негова хармонизација со регулативите на ЕУ. Крајната цел е да се стимулира трговија меѓу земјите од регионот како пазар со над 20 милиони жители“, рече евроамбасадорот Жбогар.

Во рамки на самитот ќе се одржи и бизнис форум со учество на стотина компании од Италија и од регионот, потоа форум на граѓанското општество, како и форум на младинци кој ќе биде фокусиран на младинските политики во однос на евроинтеграциите.

Берлинскиот процес започна под покровителство на Германија и канцеларката Ангела Меркел, со цел забрзување на придвижувањето на регионот кон ЕУ. Досега, во рамки на Берлинскиот процес беа одржани самити и во Виена и во Париз.

А. Б.