Интервју со проф. д-р Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“: Идните генерации се оние што треба да ја вратат довербата во правниот систем
Правото и неговото практикување бараат темелни, фундаментални и цврсти знаења, но и доблест да се препознае правичноста и висока свест за тоа што е морално и етично. Ние настојуваме младите правници да ги образоваме и во овој дух и правец, вели во интервјуто за „Академик“ проф. д-р Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Декане Коевски, како нов декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“, какви се Вашите заложби и програма во однос на работењето на најстариот правен факултет во земјава?
Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје мината година ја одбележа 65-годишнината од своето постоење. За нас обврска е да ја почитуваме традицијата на создавање врвни кадри во областа на правото, комуникологијата и политологијата. Но истовремено е и предизвик да се надградува таа традиција и постојано да се осовременува системот на стекнување и пренесување знаења. Впрочем, тоа е и нашето мото „Јустинијан Први – секогаш први“. Правниот факултет е првиот што го имплементираше новиот модел на студирање т.н. болоњски модел (иако сѐ уште е актуелна дебатата за имплементирање на болоњскиот модел во регулираните професии), првиот што во своите наставни програми го вгради правото на Европската Унија и воведе нови облици на изведување на наставата и на оценување на студените, како и систем за електронска евиденција на досиејата на студентите. Наставниците на Факултетот се врвни експерти во своите области кои се препознатливи не само во Македонија, туку и во регионот. Ние сакаме да создаваме лидери во своите области и тоа од нас бара посветеност. Во изминатите години евалуациите покажаа дека Факултетот, како дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,покрај тоа што е најстар, воедно е и најдобриот правен факултет во земјава. Моја заложба како декан е не само тој статус да се одржува, туку и со реформи во системот на образование да се зајакнува. Богатата меѓународна соработка што ја има воспоставено Факултетот со низа престижни високообразовни установи во Европа и во светот, како и членството во многу значајни мрежи за образование и наука, верувам ќе ги поддржат овие напори.
Зошто во денешно време е предизвик да се студира право?
Навистина е предизвик да се студира право. Правниот систем во Република Македонија во последните децении претрпува низа значајни промени и приспособувања. Ова особено се однесува на приспособувањето на правото во Република Македонија со она на Европската Унија. Но системот сам по себе и понатаму треба да се менува и да овозможи целосно владеење на правото и почитување на човековите права, со што Република Македонија би се вброила во развиените демократски системи. Во последните години, се чини, дека е изгубена довербата во правниот систем и во механизмите на правната држава. Правото е инструмент на политиката, но треба да биде ослободено од дневно-политичките интервенции, а правниот систем треба да овозможи непречено остварување на правата на граѓаните и тие целосно да ги уживаат своите слободи. Младите и идни генерации правници се оние што треба на одреден начин да ја вратат довербата во правниот систем. Тие треба да покажат и да докажат дека владеењето на правото и на правната држава се императив што почива на правдата. Правото и неговото практикување бараат темелни, фундаментални цврсти знаења (hard skills), но и доблест да се препознае правичноста и висока свест за тоа што е морално и етично. Ние настојуваме младите правници да ги образоваме и во овој дух и правец. Тие т.н. меки вештини (soft skills) не е лесно соодветно да се пренесат на студентите. Но, за среќа, имаме студенти кои во себе веќе ги носат и веруваат во овие вредности. Да се студира право денес значи да се верува дека во Република Македонија може да се изгради правен систем кој ќе ги поддржи и одбрани слободата и демократијата.
Која е предноста да се студира право на најстариот правен факултет во земјава?
Едноставно речено, тоа е да се учи од основоположниците на современата македонска држава и систем, врвни познавачи на правото, можноста да се има пристап до релевантни бази на податоци со нови истражувања, да се учествува во многубројните програми за практиканство во релевантни институции и во деловниот сектор и да се ползуваат можностите на студентска размена.
Во последниве месеци на „Јустинијан Први“ под Ваше раководство се организираа серија настани посветени на значајни општествени теми. Што е придобивката од ваквите настани?
Сметаме дека е особено важно од стручен и од научен аспект да се разгледуваат и дискутираат определени општествени прашања. Иницијативите за организирање вакви настани потекнуваат од наставно-научните кадри на Факултетот кои идентификуваат проблеми во функционирањето на системот, истите ги анализираат и презентираат, при што се организираат јавни расправи за да се утврдат можни решенија и подобрувања. Со ова директно се остварува улогата на правната наука да анализира кои се проблемите и да предлага решенија како истите може да се надминат. Се надеваме дека она што имаме да го кажеме ќе биде слушнато. Анализите што ги прават научниците на тоа какви се состојбите de lege lataсе надвор од призмата на одредени политички опции и заради тоа се објективни и насочени кон она „како треба да биде“ (de legeferenda). Како високообразовна и научна институција ние имаме капацитет да ги следиме тековните процеси на реформи и да учествуваме во нив со наши согледувања и сугестии. Истовремено, имаме и капацитет да ги поттикнуваме процесите на реформа преку унапредување на знаењата и вештините на вработените во јавниот сектор, на правната професија и на деловниот сектор преку концептите на доживотно учење. Се надеваме дека во блиска иднина оваа наша улога уште повеќе ќе се зајакне.
На јавните настани често беше нагласувано дека наставно-научниот кадар на Правниот факултет „Јустинијан Први“ максимално ќе се посвети на прашањата за кои е неопходно вклучување на стручната јавност. Колку наставно-научниот кадар може и треба со своето знаење да помогне во подобрување на општествените состојби, особено од аспект на креирање на законодавството?
Како што веќе кажав, ние како научници и стручњаци во своите области во голем дел сме ослободени од дневно-политичките збиднувања и имаме научен пристап во оценката на состојбите. Знаењето што е акумулирано низ годините треба да биде искористено во процесите на креирање политики и законска рамка која ќе ги поддржи реформските процеси. Долги години на факултетот се реализира проект преку кој се оценуваат процесите на евроинтеграција на националниот правен, политички и општествен систем. Резултатите од истражувањата покажуваат каде се потребни промени и сугерираат како тие промени треба да се имплементираат. За жал, долги години зборот, во голем дел, не ни се слушаше и резултатите од научните истражувања беа запоставувани во градењето на политиките и на практиките. Се надеваме дека ова наскоро ќе се промени и ќе се согледа дека спрегата помеѓу теоријата и практиката е неопходна.
Какви се новините на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во поглед на студиските програми и воопшто на наставно-научниот процес?
Не е тајна дека правните факултети се соочуваат со тешки времиња во пошироки рамки. Се намалува интересот за запишување, успехот на новозапишаните студенти е послаб и слично. Се сеќавам на времињата кога за едно слободно место за запишување на Правниот факултет имаше дури по пет пријавени кандидати и кога влез на факултетот обезбедуваа само најдобрите матуранти.
Правниот факултет „Јустинијан Први“ се соочува и со конкуренција од уште 15-ина други правни факултети, што јавни што приватни. Конкуренцијата е, секако, добра доколку е поставена на здрави основи. Но, ако некритички се основаат, првенствено јавни правни факултети, тоа само по себе доведува до намалување на расположливите (иако веќе скратени) државни фондови за финансирање на нивната дејност, што резултира со намалување на квалитетот на високото правно образование.
Согласно официјалната статистика, Правниот факултет „Јустинијан Први“ запишува околу 30 отсто од вкупниот број новозапишани студенти по право во државата, иако ова учество е поголемо кога станува збор за запишување на мастер-студиите што ги нуди Факултетот. Би потенцирал дека Факултетот има кадровски и друг потенцијал за запишување на уште поголем број студенти и, секако, тоа е еден од нашите главни приоритети за постигнување. Но, за постигнување на таа цел ние континуирано настојуваме да понудиме нешто ново, нов квалитет кој суштински би не разликувал од конкуренцијата.
Би го споменал и долго актуализираното прашањето за тоа кој е правиот баланс помеѓу теоријата и практиката во правното образование. Додека, на пример, американското правно образование приматот го става на практиката, европскиот систем повеќе го смета правото за академска дисциплина. Оттука и постојаниот судир помеѓу правните факултети и професионалните здруженија на правници во врска со степенот на квалификации што треба да ги стекне тазе дипломираниот правник. Претставниците на правната практика постојано се жалат на недостатокот на практични вештини кај дипломираните студенти и покрај добриот успех покажан за време на студирањето. Но факултетите го поддржуваат ставот дека тие ги учат студентите како критички да мислат, додека мисијата на правните практичари е да ги научат дипломираните студенти на самото работно место како да го практикуваат она што веќе теоретски го научиле. Како и секогаш, вистината е некаде на средината: фундаменталната теоретска основа треба уште за време на студирањето да биде надополнета со практичните знаења и вештини, слично како што медицинските факултети во образовниот процес се тесно поврзани со соодветни универзитетски клиники.
Од друга страна, правното образование во европско-континентален контекст е сѐ уште прилично монодисциплинарно и фокусирано на силна теоретска подлога. Многу правни факултети се заробени во традиционалниот начин на образование и со децении ги образуваат студентите на ист начин и, во голем дел, со исто знаење. Овој пристап мора многу бргу да се смени доколку се сака правното образование да го задржи своето место во севкупниот високообразовен систем.
Оттука, неопходно е во правото како наука конечно да се прифати дека е потребна иновативност, односно правната наука треба да биде поотворена кон интердисциплинарност и мултидисциплинарност колку што е можно повеќе. Затоа на Факултетот веќе воведуваме меѓународно добро познати интердисциплинарни (првенствено емпириски) научни области од типот на право и економија, право и социологија, право и политика и слично.
Конечно, како што постојано се менува природата на потребите на клиентите за правни услуги, така треба континуирано да се приспособува и структурата на студиските програми што ги нуди Факултетот, а со цел студентите уште за време на студирањето да стекнат мултиплицирани вештини и нови компетенции. Во овие нови компетенции би ги споменал солидни познавања од правната информатика, изучувањето на повеќе странски јазици во правен контекст, изучување на споредбеното право и правото на Европската Унија итн.
Од сето погоре изнесено, би укажал дека нашата заложба е постојано да ги осовременуваме и реакредитираме наставните планови за студиските и за предметните програми. Иако правното образование во најголем дел е национално ориентирано и истражувањата се вршат првенствено на домашниот национален јазик, ние на Факултетот подолг период воведуваме содржини посветени на Европската Унија кои се предаваат на англиски јазик со оглед на тоа дека евроинтеграцијата е иднината на нашиот систем. Во таа смисла, ги подготвуваме нашите студенти не само по право, туку и во областа на политичките науки и комуникологијата. Истовремено, како што веќе истакнав, настојуваме да ги зголемиме можностите за градење практични знаења и вештини. Во изминатите неколку месеци веќе потпишавме меморандуми и договори за соработка и вршење практична настава со повеќе судови на сите нивоа во државава, со регулаторните тела од различни области, со повеќе банки, со коморите на адвокати, нотари, извршители, стечајни управници, со најголемите и најуспешни адвокатски друштва, со поголеми трговски друштва итн. Се надевам дека веќе од наредната академска година ќе обезбедиме активно практиканство за најмалку 200 наши студенти, што всушност е и наша законска обврска.
Од неодамна почна повторно да функционира и правната клиника преку која студентите за време на студирањето паралелно учествуваат и во решавањето на реалните проблеми со кои се сочуваат ранливите општествени групи во остварувањето и заштитата на нивните права.
Веќе вообичаена практика на Факултетот е вклучување и на стручњаци од практиката во наставниот процес за одделни делови од предметните програми.
На факултетот постои и центар за кариера кој остварува соработка со поранешни студенти (алумни) на факултетот. Посебен фокус на новиот деканат е соработката со алумните на факултетот. Се работи за успешни и докажани дипломци на нашиот факултет кои сакаме поинтензивно да ги вклучиме во повеќето наши активности. Сметаме дека е најдобро нашите студенти да извршуваат практична настава токму кај овие наши поранешни студенти, со што би се отворила можност за меѓусебна размена на искуства, но и за стипендирање и евентуално вработување по дипломирањето на најталентираните од нив. Стипендирањето на талентирани студенти веќе постои на Факултетот, но нашата заложба е оваа успешна практика уште повеќе да ја интензивираме.
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ се студираат и политичките студии и новинарството. Што нудат овие студии?
Една од најголемите придобивки за студентите се интердисциплинарноста на студиите и самиот кадар. Имено, на Правниот факултет има четири вида студии – правни, политички, новинарски и студии за односи со јавност. Во однос на наставниот кадар, Правниот факултет ја има исклучително позитивната пракса на вработување кадар соодветен на интердисциплинарноста. Така, на Факултетот имаме правници, политиколози, комуниколози и економисти. Меѓу другото, тоа ни овозможува атрактивност за соработка со многу национални и интернационални институции и мрежи. Таков е примерот со скорешното зачленување во ТЕПСА (Trans European Policy Studies Association), мрежа на најдобрите институции во Европа кои работаат на прашања од европските политики.
Студиите по новинарство постојат веќе 40 години. Почнати како интердисциплинарни студии помеѓу Правниот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет. Студиите на почетокот на 1980-тите години преминаа во целосна организација на нашата институција. Едуцирани се 40 генерации дипломирани новинари кои се активни чинители во општествената сфера. Пред неколку години на Правниот факултет почна и организацијата на студии по односи со јавност. Овие студии се исклучително атрактивни на домашниот и странскиот образовен пазар, а тоа го покажува и постојано зголемениот интерес за упис на овие студии.
Политичките студии имаат скоро две и полдецениска историја. Тие беа првпат организирани во учебната 1993/1994 година. Во изминатите години, наставниот план беше модернизиран и приспособен со наставните планови на врвни универзитети во светот од соодветната област. Во текот на учебната 2013/2014 година, првпат во Македонија беа организирани додипломски студии на политички науки на англиски јазик. Притоа, наставата и испитите се одвиваат целосно на англиски јазик.
Студентите што се запишуваат на овие два вида студии имаат голем потенцијал за понатамошен ангажман во професионална смисла. Особено значајни се и мастер-студиите кои се организираат на Факултетот, а кои овозможуваат потесна специјализација и вработливост на студентите по дипломирањето. Огромен е бројот на студенти кои уште во првите години од студирањето добиваат волонтерски или хонорарен ангажман во медиуми, владини институции, НВО-секторот итн.
Во изминатиов период во јавноста често беше актуализирано прашањето за законските решенија за високото образование. Од аспект на постојната регулатива, што е она што треба да биде изменето и што е она што суштински му е потребно на високото образование?
На високообразовниот простор треба да му се врати екстерната и интерната автономија. Но автономијата не смее да се сфати како апсолутна. Таа бара отчетност и социјална одговорност. Само така универзитетите и факултетите може да ја вратат и да ја зајакнат довербата кон нив. Досега бевме соочени со практиката Законот за високото образование да се впушта во уредување прашања кои, сами по себе, би требало да се во изворна надлежност на високообразовните установи.
Целокупниот систем на високо образование треба да се базира на квалитет. Дипломата е диплома без оглед кој ја издал, но не сите студенти на сите високообразовни установи добиваат ист квалитет на знаење. Се надеваме дека новата законска рамка ќе го овозможи токму ова. Подготвени сме активно да се вклучиме во иницијативите за измена на законодавството и она што го имаме како „научена лекција“ да го пренесеме. На високото образование му е потребна темелна реформа. Но морам да нагласам дека високото образование е последното скалило на образование. Реформи се потребни и во средното и во основното образование. Нам ни се потребни реформи и во основното и во средното образование, кои ќе направат идни студенти подготвени да влезат во високообразовниот процес и критички да размислуваат и да дебатираат.
Зошто применливата и квалитетна регулатива е важна за правната сигурност и за владеењето на правото?
За жал, во изминатиов период бевме соочени со практиката со еден потпис на законодавецот цели напишани научни и стручни трудови од областа на правото да се претворат во безвредно купче хартија. Кога тоа се прави на начин со што ќе се поткопаат основите, односно начелата на кои почива одреден системски закон, доаѓа до рушење на самиот систем. Во таков случај не можеме да зборуваме за постоење на правна сигурност, владеење на правото и предвидливост во неговата примена.
За да дојде до измени на одредени закони, потребна е претходна анализа на состојбата „на терен“, да се почне со јавна дебата во која би биле вклучени сите заинтересирани страни на кои би се примениле измените, па дури на крајот да дојде до нивно усвојување. Изговорите од типот дека избрзаните измени на законите се резултат на политички диригираната конвергенција на правото по барање на Брисел и на Европската комисија едноставно немаат никакво оправдување.
Ваквиот легислативен пристап не само што создава проблеми во образовниот процес, туку, според мене, последиците се пострашни во практиката, односно при примената на правото кога едноставно не знаете што ново ви носи следното утро, со оглед дека сме биле сведоци на измена на закони кои биле објавени во електронското издание на „Службен весник на Република Македонија“ пред полноќ, а влегувале во сила само по неколку минути наредното утро.
Сите измени на законите бараат и изграден и стабилен институционален капацитет на телата надлежни за нивна примена и за надзор врз нивната примена. Делумни решенија не може да дадат добар резултат.
Пред извесно време еден мој пријател, инаку искусен правник – практичар, ме праша: „Можно ли е некако да се избориме да се усвои забрана законите да не може да се менуваат најмалку една година од денот на нивното влегување во сила?“
Само преку стабилен правен систем ќе можеме да обезбедиме системско владеење на правото во сите сфери на општествениот живот. Во спротивно, од правната несигурност ќе профитира само одредена група „избрани“ поединци.
Која е Вашата порака до идните студенти на Правниот факултет „Јустинијан Први“?
Со задоволство можам да кажам дека борбата за поголема инклузивност на студентите во управувањето со универзитетите и со факултетите почна токму од студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Ние на студентите гледаме како на партнери и на рамноправни членови на академската заедница. Студентите претставуваат една од заинтересираните групи во потфатот на високото образование и нивниот глас, секако, треба да се слушне и да се почитува во процесот на остварување на нивните студентски права.
На факултетот постојат повеќе облици на студентско самоорганизирање, како што се: Европското здружение на студенти по право (ELSA), Студентскиот парламент, Асоцијацијата на европски студентски структури (AEGEE), Студентскиот пленум, Македонскиот политолошки форум, Клубот на оратори и други.
Затоа, би ги поканил сите заинтересирани матуранти да се запишат на Правниот факултет „Јустинијан Први“ било на правните, било на политичките или на студиите за односи со јавност или по новинарство. Сите сте добредојдени заеднички да се обидеме да ја вратиме довербата во правниот систем и во механизмите на правната држава. Ајде заеднички да се соочиме со предизвикот правото да не го сфаќаме само како систем на начела со кои ќе се наметнуваат правила на однесување во општеството, туку и како флексибилен инструмент преку кој ќе се остваруваат нови социјални цели.
М.В