/ Прочитано:

1.566

ИСТРАЖУВАЊЕ: Потребна е судска власт која ќе обезбеди правна сигурност при зделките во транспорт и енергетика

Наодите од истражувањето „Состојбата во секторите транспорт и енергетика во Република Македонија, како до забрзување на реформските процеси“ поддржано од ЕУ-проектот „ИПА2 механизам“ и спроведен од „Евротинк“, „Еко-свест“, „Реактор“ и „Зенит“, покажуваат дека секторот транспорт е неразвиен, доста загадува и потребна е целосна смена на правецот на стратешко планирање решенија за да се намалат емисиите, но и да се зголеми мобилноста.

Ова, се вели во истражувањето, особено важи за урбаниот транспорт. Истиот заклучок е и за секторот енергетика. Во овој сектор одредени проблеми се провлекуваат со години, што може да се огледа во загадувањето, кое речиси целосно се потпира на фосилни горива, увозот е преголем, недоволен е развојот на обновливите извори на енергија и нема доволна поддршка од институциите законски и правно да го потпомогнат развојот на овој сектор.

„Потребно е усогласување на стратешките правци на различните носители на одлуки и воопшто на цела држава за тоа како ќе се развиваат овие два сектора, потребни се сериозна посветеност, човечки ресурси и финансии за да може земјата да фати чекор со остатокот од Европа. Беа презентирани и неколку случаи за кои била или е покрената истрага или постапка пред судовите за коруптивни дејствија“, се вели во истражувањето.

Заклучокот на истражувањето е дека ниту транспорт ниту енергетика не се имуни на ваквите појави во Македонија. Она што загрижува, велат од организациите кои го спроведоа истражувањето, е што досега нема ниту еден целосно расчистен случај каде што постоеле наоди за корупција во последната деценија и повеќе, со што се потенцира неодложната потреба од тоа судиите и обвинителите кои работат на вакви специфични случаи од овие два сектора да добијат посебни обуки.

„Бидејќи двата сектора се капитално интензивни и зависат од странските финансиски институции, без обезбедување на правна сигурност нема да биде можен нивен брз раст, а со тоа и македонската економија и развој ќе трпат последици. Оттука, важноста не е само во правилното креирање на стратегиите и законите, туку и во обезбедувањето професионална, независна судска власт која ќе обезбеди владеење на правото, но и на правната сигурност при зделките и работењето во секторите транспорт и енергетика.

М.В