/Прочитано:

277

Јавна расправа за подобрување на подзаконските акти во врска со обновливите извори на енергија

Македонската енергетска асоцијација (МЕА), во соработка со Министерството за економија и со Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, организираше јавна расправа за Уредбата за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија и Правилникот за обновливи извори на енергија.

Со предложените подзаконски акти се заокружува правната рамка за обновливи извори на енергија (ОИЕ). Со нивното донесување се очекува поголема транспарентност во доделувањето и користењето на мерките за поддршка, зголемен обем на инвестиции во ОИЕ и, во крајна линија, зголемено учество на ОИЕ во вкупната потрошувачка на енергија во Република Македонија.

Со Уредбата за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија се доразработуваат одредбите за ОИЕ од неодамна усвоениот Закон за енергетика. Во него е предвидено дека поддршката на производителите ќе биде во форма на повластени тарифи и премии. За разлика од повластените тарифи, за кои нема позначајни промени во однос на досегашната постапка за доделување, износот и видовите технологии за кои се доделуваат, премиите се сосема нова форма на поддршка.

Премии ќе се доделуваат за производство на електрична енергија од ветерни и фотонапонски електроцентрали, додека за сите останати технологии ќе се применува повластена тарифа. Уредбата предвидува ограничувања, како во однос на вкупната инсталирана моќност за одредена технологија, така и за инсталирана моќност по електроцентрала. Периодот на користење на мерките за поддршка изнесува 15 или 20 години во зависност од технологијата.

Уредбата овозможува доделување премија за електроцентрала која ќе се гради на градежно земјиште во државна сопственост и премија за електроцентрала која ќе се гради на земјиште коешто не е во сопственост на Република Македонија или на земјиште во сопственост на Република Македонија на кое е воспоставено право на користење. Пред склучување на договорите, избраните понудувачи доставуваат документи со кои го докажуваат исполнувањето на условите, меѓу другото и банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на договорот.

Министерството за економија ќе ја спроведува тендерската постапка, ќе ги склучува договорите за стекнување право за користење премија и договорите за користење премија, ќе ги врши исплатите на премиите од буџетот, ќе води евиденција на повластени производители кои користат премија и ќе ја следи реализацијата на договорите. Регулаторната комисија за енергетика и понатаму останува надлежна за донесување одлука за користење на повластена тарифа, која се исплаќа согласно договорот за откуп на електрична енергија кој го склучуваат повластениот производител и операторот на пазарот на електрична енергија.

Со Правилникот за  обновливи извори на енергија се доразработува можноста што ја дава Законот за енергетика за изградба на објект за производство на електрична енергија од обновлив извор на енергија, при што произведената електрична енергија се користи за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената електрична енергија се предава во електродистрибутивна мрежа. Доколку домаќинство, мал потрошувач и буџетски корисник и единка корисник ги исполнува условите утврдени во Правилникот, ќе стекне статус на производител потрошувач кој има право да склучи договор со снабдувачот кој го снабдува со електрична енергија. Во договорот ќе се дорегулираат условите за предавање на вишокот произведена електрична енергија во електродистрибутивната мрежа. Правилникот содржи формула по која се пресметува цената на електричната енергија што снабдувачот ја презема од потрошувачот производител.

Во однос на одредбите за издавање и начин на мерење на потенцијалот на ветерот и на издавање и признавање на гаранциите за потекло, нема некои суштински промени, но има одредени подобрувања и појаснувања во однос на важечкиот правилник. Агенцијата за енергетика останува надлежен орган за издавање на одобренијата и гаранциите, како и за водењето на регистрите, вклучително и регистарот на електроцентрали од ОИЕ, кој се предвидува да стане сеопфатен.

М.В