/ Прочитано:

1.808

Измени на прописите и стратешките документи од областа на туризмот

Работна група, составена од претставници на Министерството за економија, локалната самоуправа, планските региони, факултетите за туризам и угостителство, Државниот пазарен инспекторат, стопанските комори и приватниот сектор, ќе ги дефинира измените на законската регулатива за туристичка и угостителска дејност, информираат од Министерството за економија, од каде што упатуваат на заклучоците  од панел-дискусијата на тема „Измена и дополнување на законската регулатива“, која се одвиваше во рамките на Конференцијата за развој на туризмот во Република Македонија, во организација на Министерството за економија, а ја водеше раководителот на Секторот за туризам и угостителство, Беким Хаџиу.

Угостителите предлагаат измени на законите за туристичка и угостителска дејност за елиминирање на сивата економија, како и за подигнување на квалитетот на услугите во туристичкиот сектор. Предлозите од бизнис-заедницата по Законот за туристичка дејност вклучуваат ограничување на важноста на лиценците за туристичка дејност на 3 години, можност за воведување нова лиценца за тур-оператори, осигурување на аранжмани, лиценци за туристички водичи со рок на важност, зајакнување на контролите за нерегистрирани агенции и водичи со цел спречување на нелојалната конкуренција.

Во врска со Законот за угостителска дејност, меѓу предлозите се вбројуваат: измена на Правилникот за категоризација во насока на вреднување на услугата, категоризација на сите угостителски објекти за сместување и за исхрана со посебни правилници за услови, вклучувајќи ги и новите форми кои досега не биле опфатени, регулирање на продажбата преку онлајн оператори, воведување на електронски систем за пријавување на туристи, регулирање на таксата за привремен престој, зајакната контрола на нерегистрираните угостителски објекти и сл.  Притоа, усогласените измени на законската регулатива треба да бидат предложени до Владата до првата половина на февруари идната година.

Покрај измените на прописите од областа на туристичката дејност,  од Министерството за економија посочуваат дека и Стратегијата за туризам до 2021 ќе биде надополнета. Овој документ, велат од Министерството, претставува стратешка рамка која поставува солидни основи за развој на туризмот, но и дека овој стратешки документ ќе биде дополнет со дефинирани предлози кои ќе бидат доставени од бизнис-заедницата до крајот на овој месец.

M.В