/ Прочитано:

1.790

Измени на Законот за преземање на акционерските друштва

Владата поднесе измени на Законот за преземање на акционерските друштва  по скратена постапка во Собранието на РМ.

Со донесувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерските друштва, се вели во законското образложение,  ќе се поттикне тргувањето со хартии од вредност и ќе се олесни постапката за преземање од страна на странски институционални инвеститори. Исто така, ќе се овозможи поголема заштита на малите акционери во случај на заедничко дејствување на акционерите во постапка на преземање.

„Согласно член 5 од постојниот Закон, дефинирани се одредбите кои се однесуваат на заедничко дејствување и начинот на известување до Комисијата во случај на дадено полномошно за застапување на собрание на акционери од страна на повеќе лица на еден полномошник. Во рамки на овие одредби неопходно е допрецизирање на одредбите за заедничко дејствување со цел Комисијата за хартии од вредност да ги детектира сите форми на заедничко дејствување и врз основа на тоа да утврди прикриен начин на договарање во постапката за преземање.

Во рамки на постоечкиот Закон, во членот 9 лицата кои сами или заедно со лицата со кои дејствуваат заеднички не смеат да се стекнат со повеќе од 25% од хартиите со право на глас издадени од одредено акционерско друштво, без да дадат понуда за преземање. Со цел да се зголеми тргувањето со хартии од вредност се дава можност да се стекнат 25% или повеќе од хартиите од вредност со право на глас издадени од одредено акционерско друштво, а потоа да се даде понуда за преземање.

Согласно постојниот Закон, пред давањето на понудата за преземање лицата кои сами или заедно со лицата со кои дејствуваат заеднички имаат обврска да објавуваат намера за преземање. По објавувањето на намерата тече рок за доставување на барање за добивање дозвола за преземање и проспект. Во пракса, постапките за добивање на дозволи односно согласности од странски надлежни органи може да траат и повеќе месеци, па поради тоа лицето кое има намера за преземање може да го пропушти рокот за доставување на барање за добивање на дозвола за понуда за преземање. Поради тоа, со Предлог-законот се воведува можност инвеститорите од странство кои треба да добијат дозвола односно согласност од странски надлежен орган, барањето за добивање на дозвола за понуда за преземање да го поднесат во период од 12 месеци од објавување на намерата за преземање“, се образложува во законските измени.

М.В