/ Прочитано:

1.655

КАРАЏОВСКИ: Јанева ги навреди судиите од Кривичниот суд

„Јас, како судија од кривичната област, во моето постапување никогаш не сум добил никаква навреда од ниту еден обвинител на начинот на кој специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ги навредува, особено судиите од Кривичниот суд, и иако не го кажува нивното име, знаеме за кои зборува. Нејзините навреди беа најголеми за време на едно интервју дадено на телевизија со национална концесија, на кое таа кажа дека тие можеби не се ни луѓе, а камоли да се разговара за нивниот морал. Ова е недозволиво за еден функционер бидејќи постои Кодекс на јавнообвинителска етика како што постои и Кодекс на судска етика, кој ние го почитуваме“, изјави Караџовски.

Седница на Судски совет

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, вели дека e незадоволен поради честите напади на судиите од страна на одредени лица и институции, особено на судиите од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.

„Мојата намера, како претседател на Судскиот совет и како судија, не е да конфронтира судии, особено не со државни органи. Секогаш некој сака да му импутира на судството дека фаќа некаква политичка страна. Но јас, како судија од кривичната област, во моето постапување никогаш не сум добил никаква навреда од ниту еден обвинител на начинот на кој специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ги навредува, особено судиите од Кривичниот суд, и иако не го кажува нивното име, знаеме за кои зборува. Нејзините навреди беа најголеми за време на едно интервју дадено на телевизија со национална концесија, на кое таа кажа дека тие можеби не се ни луѓе, а камоли да се разговара за нивниот морал. Ова е недозволиво за еден функционер бидејќи постои Кодекс на јавнообвинителска етика како што постои и Кодекс на судска етика, кој ние го почитуваме“, изјави Караџовски.

Тој зборува за интервјуто на Јанева дадено за емисијата „360 степени“ на „АлсатМ телевизија“, каде што Јанева зборуваше дека Кривичниот суд постојано врши опструкции во работењето на СЈО.

На ова Караџовски вели дека тој како кривичен судија одбивал обвиненија, одбивал барања за определување на притвор, донесувал ослободителни пресуди во текот на својата кариера, но никогаш не бил лично нападнат од ниту еден јавен обвинител дека е неморален.

„Доколку некој го прекршил законот, ќе си одговара дисциплински или законски. Тоа важи за сите обвинителства и за судовите. Мојата намера е да има соработка и понатаму, и за секое обвинение за кое постојат докази да има и осуда, но преку почитување на ЗКП и на правата на сите обвинети лица во постапката“, изјави Караџовски.

Тој ѝ замерува на Јанева и за изјавата дека неколку судии од Управниот суд се под истрага бидејќи со тоа ја поткопала довербата во постапувањето на целиот суд. Според него, тоа е нецивилизирано, неетичко и некултурно однесување од страна на специјалната јавна обвинителка.

Караџовски вели дека досега до Судскиот совет не е поднесена претставка од Специјалното јавно обвинителство за оценување на работата на одредени судии, иако тоа го најавиле уште пред неколку месеци.

М. С.