/Прочитано:

490

Ќе се прецизираат измените на Законот за банките

Министерството за финансии и Управата за јавни приходи одржаа состанок со Македонската банкарска асоцијација во врска со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за банките. На состанокот, соопштуваат од овие институции, беше договорено прецизирање на текстот, кое ќе се имплементира во новиот текст на Законот.

„Управата и со постојниот закон добива податоци за сметките на граѓаните на писмено барање. Со промените би се добивала само приходната страна по автоматизам, а за останатите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесе писмено барање. Трошењата на граѓаните и состојбата на сметката не ѝ се потребни на УЈП за изработка на претпополнетата даночна пријава.

Податоците кои ќе ги добива УЈП ќе бидат ‘енкриптирани’ со цел да се заштитат личните податоци на граѓаните. Ова ниво на заштита е повисоко и од актуелното. Во насока на заштита на личните податоци, веќе се подготвуваат промени во Законот за Управата за јавни приходи.

Промените ќе стапат на сила од почетокот на 2019 година бидејќи се потребни за изработка на претпополнетата годишна даночна пријава. Со ова, како и во најголем дел од европските земји, граѓаните ќе се ослободат од пополнување на годишната даночна пријава.

Нема никакви промени кај третманот на дознаките од странство. Ова значи дека и понатаму ќе се применува постојното законодавство, според кое приливите по основ на лични трансфери, помош и подароци не се оданочуваат со персонален данок на доход.

УЈП и Македонската банкарска асоцијација ќе ја продолжат соработката со цел успешно да се имплементира законот“, се наведува во соопштението од состанокот.

Царинската управа со предложените измени на Законот за банките ќе може да блокира банкарски сметки поради царински долг

Законските измени за банките и увидот на УЈП во сметките спорни од аспект на заштитата на личните податоци

Измени на Законот за банките: УЈП да добива податоци за приходите на даночните обврзници без поднесување на поединечно барање

М.В