/ Прочитано:

799

Ќе се унапредува законската регулатива за олеснување на бирократските процедури

Работиме на намалување на бирократските процедури и на унапредување на условите за водење бизнис, како и на силна борба против корупцијата, рече денеска заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, на настанот на кој беше претставен Индексот на бирократија, истражување направено во шест европски земји, во заедничка соработка на „Македонија 2025“, „Цивика мобилитас“, Институтот за економски и социјални студии (ИНЕСС) од Република Словачка и регионалната канцеларија на Фондацијата „Фридрих Науман“.

„Во повеќе наврати истакнувам дека Владата ќе биде посветена на создавање на Платформа за економски развој, која ќе овозможи побрз и одржлив раст и развој на економијата на Северна Македонија, на долг рок, што пак со сигурност ќе донесе нови работни места, подобри плати, нови патишта, железнички пруги, водоводи, пречистителни станици, училишта, градински, болници, кусо: подобар и поквалитетен живот. Со инклузивен процес, во кој ќе бидат вклучени сите чинители во економското живеење, стопанските комори, синдикатите, академската заедница, меѓународните партнери, граѓанските организации, преку процес на консултации и дискусии, ќе работиме на унапредување на законската регулатива, со која ќе се упростат и олеснат бирократските процедури. Веќе е поставен планот за мапирање на сите законски постапки низ кои граѓаните и стопанството ги остваруваат своите права и обврски кон државата, како и законските рокови за постапување од страна на државните органи или институции. Создавањето на овој единствен регистар ќе има повеќекратни придобивки: ќе укаже на предолги или непотребни бирократски чекори и рокови, ќе создаде услови за поголема транспарентност и отчетност на државните службеници кои се во служба на граѓаните, ќе се зголеми ефективноста и ефикасноста во постапувањето, голем дел од постапките ќе се дигитализираат, а можеби најважно – ова ќе биде моќна алатка за сузбивање на корупцијата“, потенцираше вицепремиерот.

„Би рекла дека бизнисите се основна клетка на економијата и оттука владината регулатива и процедурите кои ги споменав треба да ѝ дадат кислород на таа клетка наместо да ја ограничуваат. Оттука, целта на овој индекс, којшто го сметаме за еден прв чекор, е понатаму да дојдеме до план на мерки и активности како да се намали бирократскиот товар на компаниите. Притоа морам да кажам дека споредбено во Северна Македонија резултатот е многу подобар отколку во земјите членки на ЕУ. На една типична македонска компанија ѝ требаат годишно 154 часа за да биде усогласена со регулативата. За споредба, во Словачка на една компанија ѝ требаат 240 часа, а во Шпанија, која е, да кажам, најлошо рангирана, ѝ требаат дури 370 часа“, посочи Мојсоска-Блажевски.

На настанот на кој беше презентиран Индексот за бирократија, во споредба на шест земји од Европа (Северна Македонија, Шпанија, Италија, Чешка, Словачка, и Литванија) нашата земја е најдоброрангирана во споредбениот сет на земји, со 154 часа за завршување на бирократските процедури, резултат кој најмногу се должи во чекорите што се направени за дигитализација на даноците и на администрацијата во Агенцијата за вработување. Станува збор дека со еден чекор се информираат неколку институции. Во моментот кога се поднесува пресметка за плата, истовремено се врши пресметка на данокот, на пензиското осигурување, на здравственото осигурување, додека во другите споредбени земји како Словачка и Шпанија сето тоа се одвоени чекори и затоа одземаат повеќе администрација. Како теми за кои постои простор за подобрување наведени се системот е-даноци, како и унапредувањето на административните процедури во Фондот за пензиско осигурување бидејќи неажурираноста на податоците во пензискиот фонд им одзема доста време и на компаниите и на граѓаните при проверка на податоците.

М.В