/ Прочитано:

1.876

Кои се новите министри предложени од премиерот Димитриев

Миновски во моментов е првиот човек во Управата за јавни приходи, а претходно раководеше до Државниот пазарен инспекторат.

Седница на Влада, фото Влада на РМ

Промените во владиниот кабинет се на дневен ред на денешната собраниска седница. По оставката која вчера ја поднесе вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, премиерот Емил Димитриев предлага на местото на Ставрески да биде избран Кирил Миновски.

„Предлагам Собранието на РМ на првата наредна седница да ја констатира оставката на Зоран Ставрески. На истата седница предлагам Собранието на РМ да го избере Кирил Миновски кој ќе раководи со Министерството за финансии“, се наведува во дописот од Димитриев до Собранието.

Во биографијата на Миновски која е во прилог на писмото со предлог за негов избор се наведува дека тој има 17-годишно искуство во областите: финансии, управување со промени, проектен менаџмент и човечки ресурси.

Кирил Миновски, фото УЈП

Понатаму, 13-годишно искуство во една од водечките светски консултантски компании „Буз Ален Хамилтон“ во имплементација на повеќе донаторски проекти на УСАИД во делот на градење и развој на институциите на Република Македонија во економската сфера и создавање на поволно деловничко работење.

Миновски во моментов е првиот човек во Управата за јавни приходи, а претходно раководеше до Државниот пазарен инспекторат.

Покрај констатирањето на оставката на Ставрески и изборот на Миновски, Димитриев предлага и разрешување на заменик-министерката Драгана Кипријановска од Министерството за надворешни работи и избор на Илија Исајловски на нејзино место.

Последниот ангажман на Исајловски е амбасадор на РМ во Монголија, претходно во Виетнам, а бил амбасадор на земјава во ДНР Кореја и НР Кина. Во 2014 година бил директор на Директоратот за меѓународно право во МНР. Подолго време поминал во Украина како прв секретар во Амбасадата на РМ во Украина, вршител на должност амбасадор и амбасадор.