/ Прочитано:

988

Коментар на „Фајнанс тинк“ за стапката на сиромаштија во 2017 година

Во 2017 година, стапката на сиромашни лица во Република Македонија изнесуваше 22,2% и, во споредба со 2016 година, има благ раст од 0,3 процентни поени. Стапките на сиромаштија пред социјалните трансфери и пензиите и по нив имаат спротивна насока на движење во споредба со минатата година.

Сиромаштијата пред трансферите се намалува, и ова намалување го движат пазарните фактори, главно зголемувањето на вработеноста и порастот на платите. Но, порастот на платите го зголемува и медијалниот приход и оттука го зголемува и прагот на релативна сиромаштија (кој претставува 60% од медијалниот приход).

Истовремено, во 2017 запреа: 1) дополнителниот раст на пензиите над износот за усогласување, кој беше практикуван во изминатите години, како и 2) растот на социјалните трансфери. Овие два вида трансфери, а особено вторите, главно се ефектуираат врз посиромашните слоеви. Во услови на повисок праг и нерастечки приходи на лицата под овој праг, сиромаштијата по трансферите се зголеми.

„Фајнанс тинк“ оценува дека најавената трансформација на системот на социјална помош преку воведување минимален гарантиран доход ќе го зголеми доходот на лицата кои се главно под прагот на сиромаштија и ќе влијае врз намалување на стапката на сиромаштија по социјални трансфери.

На среден до долг рок, релативната сиромаштија треба да се намалува главно со пазарни фактори и со мерки кои ќе влијаат врз зголемување на пазарниот доход на најсиромашните работоспособни слоеви. Оттука, фокусот на понатамошните интервенции од државата, по најавеното воведување гарантиран минимален доход, а со цел понатамошно намалување на релативната сиромаштија, треба да се насочени кон:

Зголемување на вработеноста преку креирање нови работни места;

Поттикнување да се стекнуваат повисоки вештини (не неопходно само дипломи), во сите фази од образованието со цел постигнување повисоки плати на пазарот на труд;

Зголемување на активноста на пазарот на труд преку зголемување на вештините и вработливоста на лицата кои се (подолгорочно) неактивни, и особено мерки за активација на неактивните жени во мера во која е тоа реално возможно.

М.В