/Прочитано:

866

Компаниите бараат ревидирање на казнената политика во Македонија

„Потребни се промени во пристапот кон решавање на горливите проблеми во стопанството, во насока на поефикасна комуникација, пристап и нивно решавање“, беше истакнато на работната средба на претседателите на здруженијата, групациите и асоцијациите при Стопанската комора на Македонија.

На оваа средба, информираат од Стопанската комора, се разгледаа и се утврдија насоки за дејствување на формите на организирање и работење при Комората, особено во врска со методологијата за комуникација со надлежните органи и институции во реализација на барањата, иницијативите  и предлозите на Комората, со цел подобрување на деловниот амбиент во Република Македонија.

При изложувањето на тековните состојби, проблемите и предизвиците во сите сектори во стопанството, посочуваат од Комората, како особено значајни прашања на кои треба да се работи во наредниот период се утврдија прашањата за градење нов методолошки концепт за пристап кон третирањето на конкретни проблеми од царинската област (тарифи, нетарифни бариери, високи увозни давачки за суровини наспроти слободниот режим за увоз на готови производи и сл.), иницирање мерки со кои ќе се либерализира вршењето определени дејности за кои се потребни дозволи, одобренија или согласности, а во практиката значат усложнување на административните процедури и процеси, почитување на роковите за одговор од надлежните институции во реализација на барањата и иницијативите со цел поголема ефикасност во нивното решавање, уредување на состојбите и нерешените проблеми околу сопственичките односи, градежното земјиште и деталните урбанистички планови во делот на индустриските капацитети во државата, субвенциите во индустријата и други значајни прашања.

„Еден од позначајните прописи со кои се засегнати сите сектори, за кои Комората, преку здруженијата, асоцијациите, групациите и другите форми на организирање и работење, ќе преземе интензивни активности во наредниот период, а со оглед на најавените активности на Владата и државните органи, институции и тела за работа на овој  план, е трудовото законодавство, а особено Законот за работните односи, даночната регулатива, како и Законот за прекршоци и поврзаните прописи, во насока на ревидирање на казнената политика во Македонија и начинот на вршење на инспекцискиот надзор. Стопанската комора на Македонија од јуни оваа година до денес има поднесено 12 иницијативи и барања за решавање на клучни прашања во различни сектори од стопанството кои беа изложени на работната средба и тие најчесто се поврзани со измени на прописи за кои изостанала задолжителната консултација на бизнисот, во текот на постапката за нивно донесување“, истакнуваат од Стопанската комора на РМ.

„Со оглед на наведеното, Комората и натаму ќе настојува на доследна примена на методологијата за проценка на влијанието на регулативата, а со тоа и задолжително консултирање на бизнисот за сите прашања што го засегаат. Покрај тоа, еден од заклучоците на средбата е и потребата за иницирање и директно вклучување во подготовка на една долгорочна Стратегија за развој на одделните сектори во македонската економија (земјоделство, рударство, металургија, градежништво, туризам и сл.), со цел утврдување на клучните насоки за развој на стопанството и постигнување повисоки стапки на економски раст и  развој“, додаваат од Комората.

М.В

Спонзориран текст