/Прочитано:

1.733

Данок на имот се плаќа на недвижен имот, освен за оној имот кој е ослободен од плаќање на данок

Данок на имот се плаќа на недвижен имот, освен за оној имот кој е ослободен од плаќање на данок, се пропишува во Законот за даноците на имот.

Недвижен имот се земјишта (земјоделски, градежни, шумски и пасишта) и зградите – станбени згради или станови, деловни згради и деловни простории, административни згради и административни простории, згради и станови за одмор и рекреација и други градежни објекти, како и инсталациите подигнати врз нив или под нив и трајно споени со нив.

Даночен обврзник е правно и физичко лице сопственик на имотот; правно и физичко лице корисник на имотот, во случаи кога сопственикот не е познат или не е достапен и плодоуживателот на имотот согласно со закон.  Ако имотот е во сопственост на повеќе лица, секој од нив е обврзник на данокот на имот сразмерно на сопственичкиот дел. Обврзник на данокот на имот е и правно и физичко лице – корисник на недвижен имот вo сопственост на државата и општината.

Данок на наследство и подарок се плаќа на недвижен имот и право на плодоуживање и користење на недвижен имот кои наследниците, односно примателите на подароци ги наследуваат, односно примаат врз основа на Законот за наследување, односно договорот за подарок. Данок на наследство и подарок се плаќа и на готови пари, парични побарувања, хартии од вредност и друг подвижен имот, ако пазарната вредност на наследството, односно договорот за подарок е повисока од износот на едногодишната просечна плата во Република Македонија во претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Обврзник на данокот на наследство и подарок е физичко и правно лице резидент на Република Македонија кое наследува имот, како и физичко и правно лице кое прима имот на подарок, во земјата и во странство. Обврзник на данокот на наследство и подарок е и странско физичко и правно лице нерезидент за недвижниот и подвижниот имот што го наследува, односно прима на подарок на територијата на Република Македонија.

На остварениот промет на недвижности се плаќа данок на промет на недвижности. Под промет на недвижности, во смисла на овој закон, се смета преносот со и без надоместок на правото на сопственост, како и друг начин на стекнување на недвижности со и без надоместок меѓу правни и физички лица. Обврзник на данокот на промет на недвижности е правно и физичко лице продавач на недвижноста. По исклучок, обврзник на данокот на промет на недвижности може да биде правно лице и физичко лице – купувач на недвижноста, доколку во договорот за купопродажба на недвижноста е договорено данокот да го плати купувачот.

М.В