/Прочитано:

1.111

Конзервативната партија го загуби мнозинството во британскиот Парламент, лабуристите бараат оставка од Меј

Во текот на денот се очекува премиерката Меј да се обрати до јавноста, бидејќи од час во час расте притисокот од страна на лабуристите таа да поднесе оставка од премиерската функција откако конзервативците не успеаја да го освојат потребното мнозинство. Иако резултатите се сè уште неофицијални, на овие предвремени парламентарни избори конзервативците добија 48,9 отсто од гласовите, а опозициските лабуристи 40,2 отсто. На трето место e Шкотската национална партија која освои 5,4 отсто од гласовите, а потоа следуваат се либералдемократите со 1,8 отсто освоени гласови. Излезноста на изборите била 68,7 отсто.

Конзервативната партија во Велика Британија, предводена од премиерката Тереза Меј, победи на предвремените парламентарни избори, но го загуби мнозинството во Долниот дом на Парламентот. Според истражувањето на НОП-ИПСОС и МОРИ, направено за трите главни телевизиски станици – Би-би-си, Скај и Ај-ти-ви, конзервативците би освоиле 318 пратенички места, или 13 помалку од досега, додека Лабуристичката партија на Џереми Корбин би имала 261 пратеници, што е за 29 пратеници повеќе отколку на претходните избори во мај 2015 година.

Инаку, Парламентот во Велика Британија брои 650 пратенички места, така што за апсолутното мнозинство, кое овозможува самостојно формирање на влада, се потребни најмалку 326 пратеници.

Во текот на денот се очекува премиерката Меј да се обрати до јавноста, бидејќи од час во час расте притисокот од страна на лабуристите таа да поднесе оставка од премиерската функција откако конзервативците не успеаја да го освојат потребното мнозинство.

По изјавата на лидерот на лабуристите Џереми Корбин дека е дојдено времето кога Меј треба да поднесе оставка бидејќи изборните резултати покажуваат дека таа изгубила и гласови, и поддршка, и доверба од страна на гласачите, се огласи и т.н. „Сити група“, наведувајќи дека се сигурни оти Меј ќе отстапи од премиерското столче. „Следува период на политичка неизвесност”, наведуваат од  „Сити група”.

Иако резултатите се сè уште неофицијални, на овие предвремени парламентарни избори конзервативците добија 48,9 отсто од гласовите, а опозициските лабуристи 40,2 отсто. На трето место e Шкотската национална партија која освои 5,4 отсто од гласовите, а потоа следуваат се либералдемократите со 1,8 отсто освоени гласови. Излезноста на изборите била 68,7 отсто.

Според оваа анализа, Шкотската национална партија (СНП) на Никола Старџен би останала најголема партија во Шкотска, со освоени 35 пратенички места, но би претрпела сериозен удар, во споредба со претходните избори кога оваа партија која заговара независност и напуштање на Обединетото Кралство освои 56 од вкупно 59 пратенички места што ги даваат шкотските изборни единици, во британскиот Парламент.

Либералдемократите на Тим Фарон, некогаш уверливо третата политичка сила во Британија, на овие избори напреднаа во однос на 2015 година, добивајќи четири пратенички места повеќе и обезбедувајќи 12 пратеници. Десничарската, антиевропска Партија за независност на Обединетото Кралство (УКИП) која го покрена процесот на Брегзит и напуштање на ЕУ, најверојатно нема да има ниту еден пратеник во новиот Парламент. Велшките националисти од партијата Плејд Кимру ќе имаат три, Партијата на зелените едно, додека сите други партии би имале 18 пратенички места.

Британците ја казнија партијата на Меј, оценуваат аналитичарите кои истовремено нагласуваат дека постојат големи стравувања во Брисел дека овој пораз би можел да ги одложи преговорите за Брегзит кои треба да почнат за 10 дена.

Европскиот комесар Гинтер Етингер веќе изјави дека е многунеизвесно дали преговорите за Брегзит може да започнат на планираниот датум, односно на 19 јуни, појаснувајќи дека процесот би можел дополнително да се ископлексира ако Брисел остане без силен преговарачки партнер.

Инаку, по објавувањето на конечните резултати, Меј има право прва да се обиде да формира коалиција, иако како што велат аналитичарите, со нејзиниот исклучително цврст став за Брегзит, најверојатно тешко ќе обезбеди коалициски партнер.

Од друга страна, лабуристите најавија дека ќе се обидат да формираат малцинска влада, а освен промената по прашањето на Брегзит, планираат и радикална промена на фискалната политика.

Истовремено, британските медиуми шпекулираат дека доколку Меј навистина поднесе оставка, нејзин наследник би можел да биде Борис Џонсон, актуелниот министер за надворешни работи и поранешен градоначалник на Лондон.

А. Б.