/ Прочитано:

2.524

Координативен состанок во врска со Стратегијата за реформа во правосудниот сектор

Во Министерството за правда се одржа координативен состанок во врска со Стратегијата за реформа во правосудниот сектор.

Средбата ја отвори и ја водеше министерот за правда Билен Саљији, а свое обраќање имаа и заменикот на министерот за правда Оливер Ристовски, како и претседателот на работната група за изготвување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, проф. д-р Ана Павловска-Данева.

Министерот имаше кратко излагање на Планот „3-6-9“ на Владата на Република Македонија, во насока на спроведување на „Итните реформски приоритети“. Тој истакна дека Министерството за правда е главен носител на реформите во правосудството, но заедно со сите чинители на правосудниот систем.

Исто така, тој истакна дека целта на оваа средба се активно вклучување и учество на сите чинители во правосудството во процесот на изготвување на Стратегијата. Присутните беа информирани дека во рамките на Министерството за правда е формирана работна група за изготвување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор со акционен план.

По отворената расправа и дискусија на сите учесници на состанокот, министерот Саљији ги повика присутните да дадат искрен и конструктивен придонес во реформата, за да ги достават сите свои забелешки, сугестии, истражувања, мислења и ставови до работната група за изготвување на Стратегијата во Министерството за правда.

Министерот го истакна своето очекување за успешна соработка и успешен исход на сите чинители во правосудниот сектор.

М.В