/ Прочитано:

1.257

Литвански искуства за македонското правосудство

Темите на разговор и размената на искуства беа во доменот на управувањето со успешноста на судовите (квалитативни и квантитативни индикатори за оцена на работењето на судиите и судовите), начинот на организација на судската администрација и стручните служби на Судскиот совет и останатите саморегулаторни тела во правосудството, информатичките процеси и автоматизираното постапување со движењето на предметите, воедначеност на судската пракса и алатки за нејзино пребарување и уредување, реализација и организација на обуки за судиите и стручниот судски кадар и процесите за стратешко планирање на Министерството за правда и управување со фондовите на ЕУ и проектите за секторот правда.

Врховен суд Литванија

Делегација на Судскиот совет на Република Македонија, предводена од претседателот Зоран Караџовски, во средината на октомври реализираше  студиска посета на Вилнус, Република Литванија.

Целта на студиската посета беше учесниците да се запознаат со начинот на функционирање на Министерството за правда, Судскиот совет, судската администрација, Центарот за обуки на судии, Центарот за регистри, Врховниот суд и пониските судови на Литванија.

Во рамките на студиската посета беа остварени работни средби со  претседателот на Судскиот совет на Република Литванија, со директорот на Националната судска администрација, со претседавачот на Комисијата за обуки при Судскиот совет, со претседателот на Комисијата за судска етика и дисциплина и со судии на Врховниот суд на Република Литванија.

Темите на разговор и размената на искуства беа во доменот на управувањето со успешноста на судовите (квалитативни и квантитативни индикатори за оцена на работењето на судиите и судовите), начинот на организација на судската администрација и стручните служби на Судскиот совет и останатите саморегулаторни тела во правосудството, информатичките процеси и автоматизираното постапување со движењето на предметите, воедначеност на судската пракса и алатки за нејзино пребарување и уредување, реализација и организација на обуки за судиите и стручниот судски кадар и процесите за стратешко планирање на Министерството за правда и управување со фондовите на ЕУ и проектите за секторот правда.

При посетата на Националната судска администрација со директорот беше разговарано на темите за литванскиот правосуден систем и за функционирањето на саморегулаторните институции во правосудството, за улогата на Националната судска администрација во судскиот систем, за внатрешната и надворешната комуникација во судството и за односот помеѓу саморегулаторните институции и извршната и законодавната власт, како и за соработката со Министерството за правда. Презентирани беа процесите на стратешко планирање во судовите и Националната судската администрација, процесите за креирање на буџетот во судовите, системот за квалитативно управување со судовите, е-услугата во литванските судови и систематизацијата на судските одлуки и нивното поврзување со законодавните бази.

На состанокот кој беше одржан во присуство на претседателот на Судскиот совет на Република Литванија, директорот на Националната судска администрација, претседавачот на Комисијата за обуки при Судскиот совет и претседателот на Комисијата за судска етика и дисциплина, беа презентирани надлежностите на Судскиот совет и неговата улога во постапката за избор на судии и унапредувањето на судиите во повисоките судови, процедурите за селекција на судиите при унапредувањето во судиската кариера, судиското досие, судската обука, систематизирањето, програмирањето, организацијата, методите за обука, како и дисциплинските постапки против судиите.

При посетата на Врховниот суд на Република Литванија беше разговарано за улогата на Врховниот суд во обезбедувањето на воедначеност на судската пракса кај судовите од општа надлежност и презентација на системот за пребарување на судската пракса, како и за начинот на постапувањето по предметите на Врховниот суд.

Во првостепениот суд во Вилнус беше презентиран начинот на функционирање на специјализираните оддели дека распределбата на предмети се врши по електронски пат, како и тоа дека дел од предметите се во електронска форма, почнувајќи од иницијалниот акт, па сè до донесувањето на одлуката, со цел да се намалат трошоците на постапката и таксите.

На средбата со директорот на Центарoт за регистри беше презентирана информација за централната база на податоци за недвижностите, адресите и податоци за физички и правни лица, како и за функционирањето на системот за  централизирано чување на правосилните судски одлуки на судовите во Република Литванија.

При посетата на Центaрот за судски обуки беше презентиран системот на обуки на судиите и начинот на подготовка, организација, реализација и финансирање на обуките.

Од особено значење за Судскиот совет на Република Македонија се реализираните студиски посети поради што и во иднина ќе остварува континуирана меѓународна соработка со цел да се разгледаат најдобрите практики и можноста за нивно имплементирање заради подобро функционирање и унапредување на правосудниот систем.

А. Б.