/ Прочитано:

3.265

ТУМАНОВСКИ: За Стратегијата за реформи на правосудниот сектор

Граѓаните се желни да видат дека ние од правосудниот систем даваме максимум за да го унапредиме правосудството и треба да бидеме пример за тоа што значи правда и правна држава. Не треба да замижуваме пред проблемите во фелата затоа што на тој начин тие само се натрупуваат, а тоа никогаш не носи добро, вели во интервјуто за Академик адвокатот Александар Тумановски, член и претставник на Адвокатската комора во Работната група за реформи на правосудниот сектор.

Адвокате Тумановски, член сте и претставник на Адвокатската комора во Работната група за реформи на правосудниот сектор. Какви новини предвидува Стратегијата за адвокатурата?

Законот за адвокатура е дел од претходната Стратегија за реформи на правосудниот сектор 20172022 година, во кој учествував како претставник на АКРСМ и во кој се предвидени многу новини, а тоа се центрите за едукација како на новите така и на постојните адвокати, за кои е планирана континуирана обука, која ќе се врши во модерни просторни услови кои се сопственост на Адвокатската комора. Како една од поголемите новини во овој закон е тоа што во адвокатурата не можат да влезат, односно нема да има место за луѓе кои не биле достојни да извршуваат судиска, обвинителска функција, или пак извршителска и нотарска работа, бидејќи само така ќе се врати вербата на граѓаните кои имаат огромни очекувања од овие професии во остварување на своите права во различни постапки пред правосудните органи. Тоа е причината за големите очекувањата од законот што треба да се донесе и кој е во собраниска процедура од март 2021 година, а се надевам дека ќе биде изгласан и ќе го види светлото на денот што поскоро.

Кои се предлозите на Адвокатската комора?

Министерството за правда формираше Работна група за подготовка на нова Стратегија за правосудниот сектор со Акциски план 20232027 година, во која како претставник на АКРСМ пренесов предлози за поквалитетна правда и владеење на правото, преку кои би се подигнала довербата во правосудството. Бараме да се овозможи снимање на судењата, што е предвидено во ЗКП од 2010 година; потоа достава на доказите, нешто што се провлекува како проблем со години со единствено објаснување дека органите на прогонот немаат доволно ресурси за тоа. Дигитализацијата е, исто така, предизвик, и тоа во правец на ангажирање на адвокати во постапките од страна на АКРСМ, како и поврзување со судовите, обвинителствата и другите правосудни органи за електронска достава до сите нив. Факт е дека повеќе судови низ државата работат со намален број судии, но и со намален број на предмети, па во тој поглед се дадоа предлози за враќање на надлежности на нотарите и извршителите повторно во судовите, од каде што и беа одземени, за да не дојде до затворање на тие судови и да се овозможи нормализирање на состојбите во тие средини. За недостигот на кадар, исто така, од страна на АКРСМ имаше предлог уште во 2018 година за пополнување со подготвен адвокатски кадар во сите нивоа на судовите и обвинителствата, а со цел да се преброди периодот кој моментално се надополнува со кадар од Академијата за судии и јавни обвинители, а кој не е доволен за повисоките правосудни инстанци.

Колку значаен документ е Стратегијата за потребните реформи и што е клучно за тие да бидат исполнети?

Стратегијата за реформи во правосудниот сектор е значајна во поглед на патоказот на правосудството во иднина и за подобрување на состојбите за кои и тоа како се потребни промени, ако сакаме европска иднина. Во држава во која нема владеење на правото преку целосно спроведување на зацртаните реформи не може да очекуваме подобра иднина за граѓаните.

Како ги оценувате случувањата во судството, особено последните настани во Судскиот совет?

Сите овие случувања беа предвидени во Комисијата за стратегијата за реформи при Министерството за правда. Имено, таму веќе се разговараше за овие правни празнини и се претпоставуваше дека тоа може да доведе токму до она што го видовме сите. Ова беше показател колку може да нанесе штета една таква празнина во институција во која правото треба да биде императив, но и што може да се случи доколку не се предвидени сите ситуации и кога е оставено на секој да донесува правни заклучоци на штета на целото правосудство. Со брзи интервенции во законите во кои се оставени тие правни празнини ќе се дојде до ублажување на предизвиканата штета и до спречување на вакви ситуации во иднина.

Што е потребно да се направи за да се унапреди угледот на судството, но и општо на правосудството?

За да се врати угледот на правосудството, треба да се фокусираме пред сè на ефикасноста и секој да понесе одговорност за своите одлуки, за што всушност е и платен. Мора да се прекине со неказнивоста. Борбата со корупцијата треба да биде приоритет. Граѓаните се желни да видат дека ние од правосудниот систем даваме максимум за да го унапредиме правосудството, треба да бидеме пример за тоа што значи правда и правна држава. Не треба да замижуваме пред проблемите во фелата затоа што на тој начин тие само се натрупуваат, а тоа никогаш не носи добро.