/ Прочитано:

905

Меѓународна научна конференција „Општествени промени во глобалниот свет“

Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип по осми пат ја одржа Меѓународната научна конференција „Општествени промени во глобалниот свет“.

Втора година по ред, конференцијата се одржува онлајн, поради ковид пандемијата, а оваа ситуација освен на начинот на одржување – онлајн, се рефлектира и на трудовите кои се презентираат. Тие во најголем дел се поврзани со влијанието на Ковид пандемијата на правосудството, медиумите, политиката, хуманистичките науки. На конференцијата со свое излагање учествуваше и министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Доц. д-р Милица Шутова, член на Организацискиот одбор од Правниот факултет, потенцираше дека и годинава актуелната ситуација налагаше посебен труд да се вложи за конференцијата да помине во најдобар ред од аспект на мерките и протоколите за заштита на здравјето на граѓаните, поради што онлајн одржувањето беше единствена опција.

„Конференцијата се одржува на три јазици – македонски, англиски и руски. Ќе се работи на пет панели, еден правна сесија, мултидисциплинарни сесии на македонски и на англиски јазик, сесија за млади истражувачи и сесија на руски јазик и тоа од областа на политиката и на правните науки. Трудовите кои се презентираат се од областа на правото, политиката, хуманистичките науки, медиумите, комуникациите… Од година на година бројот на учесници се зголемува, годинава имаме околу 90 учесници од Македонија, Руската Федерација, Србија, Хрватска, Латвија, БИХ, Турција и Албанија. Целта на конференција е да се утврдат правните последици кои постојат во законската рамка, кои се во примена во Македонија и да се дадат предлози како понатаму да се подобрат законските решенија кои во пракса предизвикуваат последици. Имаме интересни теми, поврзани и со ковид-19, последиците кои произлегуваат од работните односи, а министерот за правда Бојан Маричиќ ќе говори за дигитализацијата на судството, која е актуелна посебно со поглед на Ковид пандемијата“, изјави доц. д-р Милица Шутова.

Деканката на Правниот факултет проф. д-р Олга Кошевалиска истакна дека втора година по ред конференцијата е онлајн, а тоа што радува е дека годинава едногодишното искуство од тоа како пандемијата влијае на повеќе области – правото, политиката и медиумите и трудовите кои се презентираат се практично плод на реалните состојби од периодот зад нас.

Министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека ова се важни теми и Министерството и Владата сакаат да се вклучат во дискусијата и да добијат импут, мислење од академската заедница:

„Сакаме да слушнеме мислења, а секако и да го презентираме она што го правиме во дигитализацијата на правосудството, затоа што го сметаме за важен елемент не само за надминување на последиците од пандемијата и нивното влијание на  брзината на постапките, ефикасноста на судството, заштитата на човековите права,  туку исто така и како процес кој треба да ја зголеми одговорноста, транспарентноста и отчетноста на судството, што го сметаме за примарна задача на правосудниот систем и на Владата“.

Министерот Маричиќ се сретна со ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, при што се разгледани можностите за соработка. Министерството е веќе отворено за практична работа на средните правни училишта, а се работи на тоа и студентите да стекнат конкретно искуство и да се подготвуваат за работа во системот. Маричиќ и Боев најавија дека во наредниот период ќе работат за конкретизирање на соработката меѓу Министерството за правда и Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД).