/ Прочитано:

295

Во тек е Шестата регионална конференција на телата за еднаквост во Југоисточна Европа

Денес и утре во Скопје се одржува Шестата регионална конференција на телата за еднаквост во Југоисточна Европа. Домаќин на конференцијата е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), а финансиски е подржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје како дел од континуираната поддршка што оваа меѓународна организација ѝ ја обезбедува на нашата земја во создавањето на ефективна регулаторна и институционална рамка во полето на толеранцијата, еднаквоста и недискриминацијата.

На конференцијата учествуваат претставници на надлежните институции за борба против дискриминацијата и заштитата на човековите права од земјите во регионот, и тоа од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Албанија и Косово, како и голем број претставници на други национални институции, организации, партнери, експерти кои работат во областа на еднаквоста и недискриминацијата.

Шестата регионална конференција на телата за еднаквост во Југоисточна Европа започна со прием за учесниците на конференцијата кај претседателот на Република Северна Македонија,  Стево Пендаровски.

Поздравни обраќања на конференцијата имаа Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

На денешниот работен ден од конференцијата ќе се разменат искуства и добри практики во однос на темите за улогата на телата на еднаквост во судска постапка, потоа за стратешкото застапување пред домашни и меѓународни судови, како и за преминувањето на товарот на докажување во судски постапки и постапки пред телата за еднаквост.

Конференцијата ќе продолжи и утре.