/ Прочитано:

2.288

Методот канбан применет во индустријата и во адвокатурата

Менаџментот на консултантската фирма од Сиетел „Дејвид Џ. Андерсон и соработниците“ го популаризирале овој метод преку 6 принципи на работа: визуализација на работата, ограничување на зборовите во визуализацијата, управување на процесите, нивно остварување, имплементирање на повратните информации од работата и подобрување на текот на работата.

Илустрација, адвокати

Канбан е моќен метод кој се применува во управувањето со проекти уште од 1940 година и кој се применува во разни индустрии, а особено во ИТ-индустријата. Според студијата на професорите Мухамед  Оваис Ахмед, Јоуни Маркула, Марку Оиво, Паси Куваја од Одделот за информатички науки при Универзитетот „Оулу“ во Финска, 57 % од ИТ-компаниите го користат овој метод во своето работење, а 100 % од испитаниците одговориле дека тој совршено функционира во практиката.

Популарноста на канбан нагло расте и во правната индустрија, меѓу адвокатските фирми.

„Оставете процесот да биде управуван од неговиот тек, а не од менаџментот“, рекол Таичи Оно, основачот на производствениот систем на „Тојота“, кој прв го применил овој метод во 1943 година и со тоа го издигнал производствениот процес на „Тојота“ на понапредно ниво и основал фондација со која „Тојота“ продолжила да се развива и понатаму.

Зборот ‘канбан’ потекнува од Јапонија и значи ‘видливост’ (картичка, знак, табла). Како концепт, системот канбан помага да се визуализира работењето, да се идентификуваат потенцијалните ризици и да се подобри процесот на производството и услугите.

Канбан им помага на менаџерите да постават приоритети во работењето, да се фокусираат на работата и на управувањето на процесите.

Картичките се основниот елемент преку кој функционира овој систем. Секој чекор од методот канбан е проследен со картички кои им помагаат на корисниците да го визуализираат работењето.

Првично овој метод бил користен во супермаркетите за да се организираат продуктите кои се поврзани со одредена информација што се однесува на нив.

Иновативните адвокатски фирми ги следеле примерите на успешните менаџери во минатото и тие веќе интензивно го користат методот канбан во секојдневното функционирање.

Менаџментот на консултантската фирма од Сиетел „Дејвид Џ. Андерсон и соработниците“ го популаризирале овој метод преку 6 принципи на работа: визуализација на работата, ограничување на зборовите во визуализацијата, управување на процесите, нивно остварување, имплементирање на повратните информации од работата и подобрување на текот на работата.

kan ban to do list board kanban collaboration planning task

Овие елементи ќе му овозможат на тимот на една компанија одредена слобода да ги означи проблемите со кои се соочува во работењето, да ги постави приоритетите и да ги оствари.

Адвокатите секојдневно се соочуваат со голем број работни обврски, телефонски повици и потреба од добра организација на работата и често поради таа брзина на живеење, стануваат непродуктивни и незадоволни од работата и често го губат фокусот на адвокатурата губејќи време со непотребни работи кои им го окупираат времето кое може да го искористат продуктивно.

Методот канбан имплементиран во адвокатурата се базира на обична табла која може да биде закачена во канцеларијата или да се наоѓа на некоја веб-апликација која треба да биде поделена на неколку реда и колони кои ќе ги претставуваат фазите на работа. Картичките, пак, во овој метод ги претставуваат работните задачи кои треба да ги исполни секој вработен во канцеларијата и тие практично треба да бидат поделени на: ‘да се направи’, ‘се прави’ и ‘направено’.

Кога доаѓа нов клиент за работа, според методот, задачите и обврските кои се поврзани со него треба да бидат ставени во првата колона ‘да се направи’, а кога ќе се преземе првиот чекор, тогаш се преместуваат во втората колона ‘се прави’ и така сѐ до крајот додека се завршат работата и задачите поврзани со клиентот, кога сите податоци за него се преместуваат во третата колона ‘направено’.

Главните придобивки за адвокатите од овој метод на организација на работите се: подобра организација на работата, особено во поголема адвокатска канцеларија, со поголем број на вработени и на тој начин секој ќе има определени задачи кои треба да ги оствари; подобрена соработка со тимот и со управата на канцеларијата, која ќе придонесе да се добие реална повратна информација; со отстранување на непотребните процеси и текови кои ја забавуваат работата, а на површина ќе излезат важните работи кои всушност треба првично да се исполнат во управувањето со работата, со вработените и со клиентите; постојаното подобрување на дневните обврски е оној дел од работата кој секој менаџер сака да се одвива беспрекорно со цел успешна работа на компанијата. Секој тим, вклучително и во една адвокатска канцеларија, дневно се соочува со бројни состаноци со клиенти, со разговори и со кратки средби. Според јапонската филозофија канбан, состаноците со повеќе луѓе не треба да се одвиваат така што ќе зборуваат само двајца претставници од двете страни туку во дискусиите, во преговорите треба да се вклучат сите со свои сугестии и предлози за решавање на некој спор или за склучување на некој договор, не само челниците на компаниите или на адвокатската канцеларија.

Канбан со причина постојано расте и се развива. За адвокатите методот претставува влез во нов начин на управување, со тоа што на тој начин управувањето станува поедноставно, побрзо и поефикасно.