/ Прочитано:

1.842

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска беше на распит во Кривичниот суд

„Тендери “ е политички монтиран процес“, изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по распитот во Кривичниот суд во Скопје.

Судница 1 Основен суд Скопје 1

Во Кривичниот суд во Скопје денеска на распит беше министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, првоосомничена во случајот „Тендери“.

Специјалното јавно обвинителство, кое ја поведе истрагата за овој предмет, претходно поднесе предлог до Основниот суд Скопје 1 – Скопје за определување мерки на претпазливост за Канческа-Милевска и за уште едно лице, исто така осомничено во случајот „Тендери“. Мерките на претпазливост, предложени од СЈО, се: да се јавуваат еднаш неделно, секој  вторник, во 10:00 часот кај определено службено лице во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, како и одземање на патна исправа поради постоење на околности кои упатуваат на опасност од бегство.

По излегување од Судот, Канческа-Милевска изјави дека станува збор за политички монтиран процес.

„Случајот Тендери е политички монтиран процес за кој нема докази. Мене во судот не ми беа презентирани никакви докази“, изјави министерката за култура.

Канческа-Милевска е осомничена во случајот „Тендери“ бидејќи без почитување на Законот за јавни набавки и без спроведување на јавно наддавање склучила договор со изведувач за дополнителни градежни активности на Музејот на ВМРО. Тендерот бил во корист на градежната фирма АД „Бетон – Штип“, а со овој договор бил оштетен Буџетот на РМ во износ од 1 милион евра.

А. Б.