/ Прочитано:

1.240

Министерството за правда во врска со Извештајот на Стејт департментот

Стејт департментот во својот последен Извештај за состојбата со човековите права во земјава посочува дека Владата демонстрирала поголема почит кон независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години.

Во извештајот се пренесува информацијата дека државата воспоставила механизми со цел обезбедување судска независност и отчетност, вклучително и креирање правила за проверка на имотот и судир на интереси, како и утврдување дисциплински постапки, посочуваат од Министерството за правда.

Стејт департментот го пренесува извештајот во кој се наведува дека државата направила добар напредок во истрагата и прогонот на криминалот на високо ниво.

Дополнително, се забележуваат подобрувања во борбата против корупцијата и организираниот криминал, но и предизвици на кои треба да се работи со цел враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Во извештајот на Стејт департментот се пренесува и за подобрувањата во сите затвори, а се потенцира и комплетната реконструкција на битолскиот затвор, како и изградба на новиот поправен дом за малолетни лица Волковија во Тетово и судница во затворот во Идризово.

Властите отворија нова здравствена установа во затворот во Идризово со двајца лекари, три медицински сестри, еден стоматолог и еден стоматолошки техничар. И покрај ова, пристапот до задоволителна здравствена заштита остана проблем, стои во извештајот на Стејт департментот.

Членовите на персоналот во казнено-поправните и во воспитно-поправните институции биле обучени за новиот Кодекс на однесување на затворскиот персонал, заснован на Европскиот етички кодекс.