Младите правници укажуваат на потребата од измени на Законот за работни односи со цел ефективна заштита на бремените работнички
Во пресрет на денешната шеста седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Собранието на РМ, на која ќе се одржи јавната расправа на тема: Изменување и дополнување на Законот за работните односи, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) укажува на потребата од измени на Законот за работните односи со цел ефективна заштита на бремените работнички.
Во периодот на втората половина од 2014 година во канцеларијата на МЗМП правна помош побараа 20 работнички на кои договорот за вработување на определено време не им бил продолжен иако тие совесно и одговорно ги извршувале своите работни обврски.
Пред бременоста договорите за вработување им биле редовно продолжувани и некои од работничките биле наградувани и унапредувани. Во повеќето идентификувани случаи работното место на кое работеле не е укинато, напротив веднаш е пополнето со нов работник.
Очигледно постои пракса кај одредени работодавачи да не го продолжат договорот за вработување склучен на определено време веднаш откако работничките ќе соопштат дека останале бремени, или кога работодавачот на друг начин ќе дознае за бременоста. Во случаите не постоеле други елементи кои би оправдале непродолжување на договорот, како што се: намален обем на работа или несоодветно и неквалитетно вршење на работните обврски од страна на работничката. Поради тоа, Здружението поддржа 5 судски постапки за заштита од дискриминација по основ на пол, личен статус – бременост, семејна или брачна состојба.
Од анализата на постојниот проблем, како и од пријавените случаи и пракса која не е прекината до денес, МЗМП смета дека се потребни измени на Законот за работните односи во делот на забраната за отказ на договорот поради бременост, раѓање и родителство и исклучокот од таа забрана кај договорите склучени на определено време (членот 101 ставот 3 од ЗРО).
М.В