/ Прочитано:

1.703

Најавен правен случај против „Гугл“ за родовиот јаз во платите

Заработувачката меѓу мажите и жените во компанијата „Гугл“ воопшто не е за занемарување, вели Џејмс Фајнберг, правниот застапник на жените кои најавија дека ќе поднесат заедничка тужба против технолошкиот гигант за родовиот јаз во платите. Имено, тој интервјуирал половина од жените кои најавиле учество во тужбата, и нивните искази, како што вели Фајнберг, наведуваат на постоење на очигледни разлики и предрасуди кои се на штета на жените во компанијата. Неколку жени рекле дека заработуваат околу 40 илјади долари помалку од мажите за истата работа. Според нив, станува збор за полова дискриминација од страна на „Гугл“.

Технолошкиот гигант „Гугл“ се соочува со сериозни проблеми откако 60-ина сегашни и поранешни вработени жени во компанијата најавија дека ќе поднесат заедничка тужба за сексизам и разлика во платите меѓу мажите и жените. Според нив, станува збор за полова дискриминација од страна на „Гугл“.

Во овој правен процес засегнатите жени ги застапува Џејмс Фајнберг, адвокат за граѓански права, кој вели дека неговите клиентки тврдат дека и покрај истите квалификации и исти работни позиции, заработуваат помалку од своите колеги мажи во сите сектори на „Гугл“.

„Тие се загрижени дека жените во ‘Гугл’ ги сместуваат на нивоа и на позиции кои се помалку платени од мажите, а имаат слично образование и искуство. И покрај сличните позиции и квалификации, некои од жените велат дека заработуваат помалку од мажите, а тоа се однесува и на платите, бонусите, како и на условите за акции“, појаснува адвокатот Фајнберг.

Тој истакнува дека разликата во заработувачката меѓу мажите и жените воопшто не е за занемарување. Имено, тој интервјуирал половина од жените кои најавиле учество во тужбата, и нивните искази, како што вели Фајнберг, наведуваат на постоење на очигледни разлики и предрасуди кои се на штета на жените во компанијата. Неколку жени рекле дека заработуваат околу 40 илјади долари помалку од мажите за истата работа.

Според сведочењето на поранешна висока менаџерка во компанијата, која неодамна го напуштила Гугл, деморализирачко е сознанието дека мажи кои биле на идентично ниво со неа заработувале десетици илјади долари повеќе.

Поранешната менаџерка, која сака да остане анонимна поради страв од одмазда, додава дека пресуден момент да ја напушти компанијата бил кога нововработен маж се приклучил на тимот што таа го предводела, добил повисока плата од неа, и покрај фактот што таа му била шефица.

„Тоа деморализира. Има нешто потсвесно што се случува кога почнувате да поставувате прашања за вредноста која ја носите во компанијата“, вели поранешната менаџерка во „Гугл“.

Друга поранешна вработена во „Гугл“ вели:

„Се чувствував како да не ја играм играта во ‘клубот на момчињата’“.

Таа појаснува дека за време на нејзиното двегодишно вработување во компанијата постојано се соочувала со сексистички забелешки, како што се коментарите за нејзиниот изглед. Особено дискриминаторски смета дека е тоа што ниту еднаш не добила промоција, унапредување или, пак, каква било парична награда и покрај нејзините достигнувања и големиот обем на работа.

„Ги следев машките соработници кои многу побрзо напредуваа од мене. Беше навистина вознемирувачки“, истакнува таа.

Адвокатот Фајнберг тврди дека кога мажите добиваат повисока компензација во форма на основна плата и акции, големата почетна нееднаквост меѓу мажите и жените се претвора во поголем јаз со секоја наредна година.

Додека технолошкиот гигант ги отфрла тврдењата за постоење сексизам и родова нееднаквост во однос на платите, бонусите и унапредувањата во рамки на компанијата, Фајнберг кој ги застапува жените се надева дека овој случај би можел да има огромно влијание врз технолошката индустрија, нагласувајќи дека „Гугл“ не е сам во Силиконската Долина.
„Крајната цел на овој случај не е само да го натера Гугл да ги промени своите практики, туку и да ги поттикне другите компании од Силиконската Долина да ги променат своите практики кога станува збор за одредувањето плати“.

А. Б.