/ Прочитано:

715

Најавени измени на Кривичниот законик за кривични дела поврзани со тортурата

Македонија има предмети во кои Судот во Стразбур утврдува повреда на Конвенцијата во однос на постапувањето на полициските службеници. Покрај Судот во Стразбур, оваа состојба во нашата држава е констатирана и во извештаите за ситуацијата во однос на човековите права на Комитетот против тортура, ОБСЕ, Амнести интернешнал и во други релевантни извештаи. Од тие причини, вели министерката за правда, потребни се измени на Кривичниот законик, кои се однесуваат на тортурата.

Како реакција на наведените пресуди и извештаи, Дескоска истакнува дека изминатиот период се преземени повеќе мерки за менување на состојбите во оваа област.

„Со цел воспоставување на независен надворешен механизам за контрола над работата на вработените во Министерството за внатрешни работи со полициски овластувања и затворската полицијата, беа направени измени и дополнувања на Законот за јавното обвинителство, Законот за полицијата и Законот за извршување на санкциите, додека во рамките на граѓанската контрола беа извршени измени и дополнувања на Законот за Народниот правобранител. Со предложените измени се даде основа за формирање посебно одделение во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со специјализирани јавни обвинители кои постапуваат по овој вид предмети“, вели министерката за правда.

Значајна новина е дека по овие предмети веќе не постапува внатрешната контрола во рамките на Министерството за внатрешни работи, туку истрагата ја води единствено јавниот обвинител и истражителите во јавното обвинителство. Оваа надлежност ја следи и судството, со пропишаната надлежност за постапување по овие предмети на Одделението кое суди за дела од организиран криминал и корупција во рамките на Основниот кривичен суд во Скопје.

На меѓународната конференција посветена на справувањето со несоодветното постапување на полицијата содржано во пресудите на Европскиот суд за човекови права, Дескоска најави измени и дополнувања на Кривичниот законик во однос на кривичните дела поврзани со тортура.

„Овие измени ќе содржат целосно редефинирање на двата члена од Кривичниот законик – Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување и Малтретирање во вршење на службата. Исто така, овој предлог ќе содржи и одредба во согласност со која предлагаме за наведените две кривични дела да нема застарување, како за кривичното гонење така и за извршувањето на казната“, истакна Дескоска.

М.В