Народниот правобранител изразува сериозна загриженост за условите во затворите, во полициските станици и во прифатните центри
Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик народен правобранител, денеска го презентираше извештајот на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам (НПМ) за 2018 година. Во извештајот се прикажани состојбите во местата за лишување од слобода – полициските станици, затворите, психијатриските болници.
Народниот правобранител ќе го достави годишниот извештај до меѓународните институции и организации, до Поткомитетот за превенција од тортура на Обединетите нации, до Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечно и понижувачко постапување или казнување, како и до Владата и Собранието.
Констатираните состојби од извршените превентивни посети од страна на тимот на Националниот превентивен механизам, како и упатените препораки се јасен показател за потребата од поголема посветеност и дополнителни напори на властите во исполнување на обврските преземени со ратификацијата на Конвенцијата против тортура и Факултативниот протокол кон неа.
„Во оваа смисла, уште еднаш ги потсетуваме надлежните органи дека тортурата е сериозно прекршување на фундаменталните човекови права и закана за демократските принципи и вредности во секое општество, поради што и заложбите за борба против тортурата и нулта толеранција во случај на нејзино постоење не смее да бидат само од декларативен карактер. Оттука, преземањето на мерки и активности за навремено отстранување на идентификуваните ризици што може да доведат до тортура и друг вид сурово и нечовечко или понижувачко постапување или казнување во местата на лишување од слобода и задржување не може и не смее да трпи одложување, особено не со образложение дека државата нема обезбедено доволно финансиски средства“, се подвлекува во извештајот.
„Констатацијата е дека состојбите и натаму во голема мера остануваат непроменети, што впрочем беше нотирано и при посетите на полициските станици во извештајниот период, како и одговорите од надлежните органи, од кои неспорно произлегуваа дека органите начелно ги прифаќаат нашите препораки, но во пракса не ги спроведуваат, особено ако нивната имплементација е поврзана со обезбедување на финансиски средства, што од аспект на мандатот на НПМ е неоправдано“, истакна Бајрамовска-Мустафа.
Лошата инфраструктурна поставеност, недоволната информираност на полициските службеници за прашања од областа на азилот, слабото познавање на методите за идентификација и упатување на ранливи категории се условите во кои функционираат шесте полициски станици за гранична контрола и граничен надзор.
„Загрижувачка е нецелосната имплементација на препораките на НПМ по посетата на полициските станици во насока на подобрување на материјалните услови заради елиминирање на ризиците за нехуман и деградирачки третман кон задржаните лица и лицата лишени од слобода“, истакна Бајрамовска-Мустафа.
Во врска со затворите, Бајрамовска-Мустафа го акцентираше проблемот со нехуманите услови во нив. Потребно е итно преземање мерки и активности за подобрување на материјалната инфраструктура во казнено-поправните установи, особено во притворските одделенија, при што ќе се води сметка за целосно почитување на минималните стандарди за задржување на лица (квадратура, температура, осветлување, хигиена итн.).
„Исто така, потребно е итно преземање мерки и активности за целосно почитување на правото на здравствена заштита на притворените и осудените лица и зголемување на бројот на затворски службеници (во затворската полиција и секторот за ресоцијализација), особено од женски пол, со цел да им се овозможи на вработените да бидат во позиција да одржуваат ефективна контрола во установите, да гарантираат безбедна средина за себе си и за затворениците, како и да обезбедат режим на активности за затворениците“, нагласи Бајрамовска-Мустафа.
Во однос на посетата на местата каде што се сместуваат и се задржуваат бегалци/мигранти, извештајот покажува дека продолжува праксата на неформално протерување и колективни депортации на бегалците.
Проблем е неинформираноста на задржаните лица странци за причината за нивно задржување во прифатните центри, како и нецелосно и неблаговремено информирање за процесот на нивно присилно враќање и за дестинацијата каде што треба да бидат вратени.
„При спроведувањето на присилното враќање на бегалците да се почитуваат правата на бегалците загарантирани со меѓународната и домашната регулатива, постапките да се спроведуваат во согласност со предвидените процедури и за нив да се води официјална евиденција“, нагласува народниот правобранител во дел од препораките.
М.В