/ Прочитано:

1.507

Национална конференција за про боно правната помош во организација на Македонското здружение на млади правници

Денеска во организација на Македонското здружение на млади правници започна дводневната национална конференција посветена на унапредувањето на механизмите за обезбедување на пристапот до правда.

Темата на конференцијата е „Про боно правната помош и алтернативните начини за решавање на спорови како средства за олеснување на пристапот до правда за сиромашните и обесправени граѓани“. Воведни обраќања на настанот имаа претседателот на Македонското здружение на млади правници, Зоран Дранговски, министерката за правда, Рената Дескоска, заменик-министерот за труд и социјална политика,  Ѓонул Бајрактар, и претседателот на Адвокатската комора на РМ,  Љубомир Михајловски.

Говорниците во своите обраќања го истакнаа значењето на конференцијата и унапредувањето на механизмите за обезбедување на пристапот до правда преку про боно правната помош. Бесплатната правна помош, беше истакнато на настанот,  е доказ за препознаената професионална и морална обврска на секој адвокат, не само за неговите клиенти туку и кон општата јавност.

Според податоците од истражувањето на Македонското здружение на млади правници, 80 проценти од адвокатите во Македонија обезбедуваат про боно, односно бесплатна правна помош за најсиромашните граѓани.

„Прашањето за про боно правната помош е особено важно, ако се земе предвид дека станува збор за глобален тренд, особено во САД и во Западна Европа, каде  што претставува вообичаен дел од професионалната работа на адвокатите. Во Македонија бројката од 80 отсто од адвокатите кои пружиле про боно услуга е сосема задоволителна бројка. Сѐ зависи од тоа колку државата е подготвена за оние работи за кои е должна да ја плати бесплатната правна помош која се однесува на сиромашните. Во таа ситуација ќе се зголеми и интересот и желбата на адвокатите да ја даваат“, истакна Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници.

На денешниот настан беше потенцирано дека бројката на поднесени барања за бесплатна правна помош останува релативно ниска и во таа насока беше нагласена и потребата од измени на Законот за бесплатна правна помош.

Министерката за правда, Рената Дескоска,  истакна дека во подготовка се измените и дополнувањата на Законот за бесплатна правна помош. Целта на законските измени е проширување на опсегот на корисници на бесплатна правна помош; јакнење на капацитетите на подрачните одделенија на Министерството за правда; оптимизација на адвокатските трошоци за бесплатна правна помош; проширување на трошоците поврзани со бесплатна правна помош; надзор и увид врз квалитетот на работата на бесплатната правна помош.

Таа појасни дека Министерството за правда во постојниот закон детектирало неколку проблеми, кои особено се однесуваат на недоволниот пристап до правдата за најранливите категории, како и енормните трошоци.

„Постојниот систем, освен од адвокати, се состои од помалку од 30 подрачно стационирани правници на Министерството за правда и правници поддржани од седум граѓански организации, кои низ целата земја ја мобилизираат заедницата и се вклучени во процесот на посредување, обезбедувајќи бесплатна правна помош. Процентот на одобрени барања за БПП е под 50 отсто од поднесените барања. Буџетот на РМ за бесплатна правна помош веќе со години наназад изнесува 3.000.000 денари, што претставува еден од најскромните буџети во Европа, но затоа просечните трошоците за правна помош по предмет во РМ се највисоки во Европа“, рече Дескоска, која нагласи дека за идната година планирано е зголемување на буџетот за бесплатна правна помош.

На денешната конференцијата се промовираа два документи „Извештај за можностите и перспективите на про боно правната помош во Република Македонија“ и „Анализа за применливоста на механизмите за алтернативно решавање на спорови во обезбедување на пристап до правда за ранливи категории во Република Македонија“.

Покрај презентацијата на документите, на конференцијата имаше и панел-дискусија со адвокати, медијатори и со претставници на релевантни институции.

M.В