/ Прочитано:

1.661

НБРМ: Раст на потрошувачките и станбените кредити, пад кај автомобилските

Кредитирањето во јули годинава бележи раст од 0,3 проценти, кое се должи на зголеменото кредитирање на домаќинствата. Кај корпоративното кредитирање е забележано намалување.

Податоците на Народната банка на Република Македонија покажуваат дека кредитите на домаќинствата имаат месечен раст од 0,8 отсто, а 9,8 отсто на годишно ниво, при што најголем дел од зголемувањата се должат на растот на денарските пласмани.

Меѓу одобрените кредити потрошувачките имаат забележан месечен раст од 1,1 отсто, а станбените од 0,5 проценти. Годишниот раст кај потрошувачките е 12, а кај станбените 13,7 проценти. Кај автомобилските кредити, продолжен е надолниот тренд, при што на месечно ниво намалувањето е 0,9 проценти, а 10,8 проценти годишно. Раст е забележан кај одобрените кредити на кредитни картички од 0,2 отсто на месечно ниво, но на годишно ниво има намалување од 0,5 проценти. Раст и на месечно и на годишно ниво од еден, односно од 4,5 проценти има кај негативните салда на тековните сметки. Кредитите одобрени по други основи бележат намалување на месечно ниво од 0,6 проценти, а на годишно ниво раст од 1,5 отсто.

Кредитите на претпријатијата бележат намалување од 0,2 отсто како резултат на намалување на девизното кредитирање, кое, како што наведуваат од НБРМ, го надминува растот на денарското кредитирање.

Според податоците на НБРМ, депозитите во јули бележат мало намалување од 0,1 процент, при што падот на депозитите на домаќинствата го надминува растот на депозитите од корпоративниот сектор. На годишна основа, депозитите се зголемени за 7,3 отсто, при поизразен придонес на корпоративниот сектор.

Депозитите на домаќинствата бележат месечен пад од 0,4 проценти, главно поради месечното намалување на депозитните пари. На годишна основа, депозитите на домаќинствата се повисоки за 5,4 проценти, при раст и кај денарските и кај девизните депозити.

Депозитите на корпоративниот сектор бележат месечно и годишно зголемување од 0,6, односно 11,4 проценти. Најзначаен придонес имаат депозитните пари и краткорочните девизни депозити.

М.В