/ Прочитано:

1.027

Нема место за медиумите на рочиштето за „Дива Населба“

Просторните проблеми на Судот се познати веќе неколку години. За првите две рочишта за процесот „Дива Населба“, во кој се обвинети 29 лица, беше обезбедена големата сала во Врховниот суд, која денеска не беше ставена во функција поради, како што наведуваат оттаму, нејзино реновирање.

Новинарите не можат да го следат случајот „Дива населба“

Повеќе од дваесет новинарски екипи денеска им беше оневозможено да присуствуваат на третото рочиште за предметот „Дива Населба“, кое се води во Кривичниот суд во Скопје. Образложението на Судот е дека тоа е поради просторните услови бидејќи во малата судница број еден нема доволно простор за да присуствуваат сите засегнати страни, но и дека бројот на лица кои можат да го следат судењето бил ограничен поради безбедносни причини.

Од Судот изјавија дека на судењето можат да влезат само шест лица од претставниците на медиумите, по што јавноста одлучи да не присуствува.

На судењето покрај обвинетите, кои се донесени со силно полициско обезбедување од затворите каде што издржуваат притвор, има и претставници на судската полиција како и набљудувачи од ОБСЕ, претставници на амбасадата на Косово во Република Македонија, претставник на Хелсиншкиот комитет и коалицијата „Сите за правично судење“.

Просторните проблеми на Судот се познати веќе неколку години. За првите две рочишта за процесот „Дива Населба“, во кој се обвинети 29 лица, беше обезбедена големата сала во Врховниот суд, која денеска не беше ставена во функција поради, како што наведуваат оттаму, нејзино реновирање.

Во минатото, голем процес со многу обвинети, како што е овој, беше процесот за случајот „Змиско око“, кој беше преселен надвор од Судската палата и се одвиваше во сала на зградата на Царинската управа.

На денешното рочиште за „Дива Населба“, како сведоци на Обвинителството требаше да сведочат жители на кумановската населба каде што на 9 и 10 мај минатата година имаше полициска акција. За следното рочиште, кое е закажано за 25 февруари, од Судот најавуваат дека ќе обезбедат видеоврска со судењето кое новинарите ќе можат да го следат од судската библиотека.

М.С.