Ниско ниво на вклученост на граѓанските организации во стратегиите за реформи во јавната администрација
За успешни реформи во јавната администрација се клучни две работи, постоење на силна политичка волја кај владата која во моментот ги спроведува реформите и да постои доволно притисок и поддршка од страна на јавноста и од страна на граѓанското општество, сѐ со цел да се опстои на вистинска реформа која ќе ја доведе јавната администрација во мерка и по мерка на сите граѓани.
„Граѓанското општество во Македонија треба континуирано да соработува со институциите, односно целосно да биде вклучен во процесот на реформите во јавната администрација. Европската Унија очекува што поскоро нова влада која ќе се посвети на реформата во јавната администрација и ќе ги имплементира досегашните препораки од извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата“, изјави денеска амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, на промоцијата на проектот „Граѓанска алијанса за транспарентност – Набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации“.
Евроамбасадорот Жбогар истакна дека добро функционирачка јавна администрација е предуслов за транспарентно и ефективно владеење, нагласувајќи дека улогата на невладиниот сектор е од клучно значење.
Овој проект кој е поддржан од Европската Унија го спроведуваат невладините организации: Фондација „Отворено општество – Македонија“ и „Евротинк – Центарот за европски стратегии“. Според нив, станува збор за специфичен проект бидејќи се спроведува во период кога во Македонија има сериозна политичка криза и тоа, пред сѐ, поради тоа што нема владеење на правото, поради тоа што државата се поистоветува со партијата и поради тоа што постои еродиран легитимитет на државните институции.
Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, нагласи дека невладините организации се во исклучително тешка состојба во Македонија, бидејќи постои невиден притисок од страна на државните институции. Според неа, јавната администрација се третира како фактор кој придонесе за појава на кризата, пред сѐ поради нејзината силна политизираност и нејзиното користење како еден од главните столбови на партискиот клиентелизам.
Бојан Маричиќ, извршен директор на „Евротинк – Центар за европски стратегии“ смета дека за успешни реформи во јавната администрација се клучни две работи.
„Едната е постоење на силна политичка волја кај владата која во моментот ги спроведува реформите, а втората работа е да постои доволно притисок и поддршка од страна на јавноста и од страна на граѓанското општество, сѐ со цел да се опстои на вистинска реформа која ќе ја донесе јавната администрација во мерка и по мерка на сите граѓани“, изјави Маричиќ.
Анализите од истражувањето за знаењето и учеството на граѓанските организации во процесот на реформите на јавната администрација покажуваат дека речиси половина, односно 47 отсто од граѓанските организации не се информирани за постоењето на стратегија за реформи во јавната администрација, а дури 67 отсто не се информирани дека е започнат процесот на креирање нова стратегија за реформи во јавната администрација. Ова истражување покажува многу ниско ниво на вклученост на граѓанскиот сектор во процесот на креирање стратегии за реформи во јавната администрација, а тоа е само 5 отсто.
Токму затоа, како што велат од Фондацијата „Отворено општество – Македонија“ и „Евротинк – Центарот за европски стратегии“, реформата на јавна администрација треба да биде приоритет за која било идна Влада.
А. Б.