/ Прочитано:

829

Нов Закон за буџети во собраниска процедура

Предлог-законот за буџети е во собраниска процедура. Предлагач на законот е Владата.

Со новиот закон за првпат се воспоставува регистар на јавни субјекти, кој ќе биде јавно достапен. Во овој регистар ќе бидат евидентирани сите правни субјекти основани директно или индиректно од страна на државата или на општините и на тој начин ќе се обезбеди сеопфатност и транспарентност за сите јавни субјекти, независно дали се на централно или на локално ниво.

„Буџетот претставува еден од најзначајните инструменти на економската политика. Оттаму, Законот за буџети, кој ги дефинира процедурите за изработка и донесување на овој документ, е од подеднаква важност.

Постојниот закон за буџети е од 2005 година, со неколку дополнителни измени и допрецизирања и со него се уредени постапките за изготвување, донесување и извршување на Буџетот на Република Северна Македонија, како и буџетите на единиците на локалната самоуправа и Град Скопје, како и известување за извршување на буџетот. Сепак новите трендови, препораките и директивите бараат нови солуции за управување со јавните финансии, согласно добрите практики на меѓународните финансиски институции и директивите на Европската Унија.

Од наведените причини, Министерството за финансии ја увиде потребата за изработка на целосно нов закон. Новиот Закон за буџети се вклопува во концептот СМАРТ финансии, односно тој е со цел да обезбеди рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика, како и зголемување на буџетската дисциплина и одговорност.

Подобрувањето на управувањето со јавните финансии и зајакнувањето на среднорочното буџетирање е еден од најголемите приоритети на Владата на Република Северна Македонија, како дел од процесот за пристапување во Европската Унија.

Министерството за финансии во изминатиов период, а во соработка со експерти од меѓународни институции има посветено големо внимание на изработка на еден современ концепт за управување со јавните финансии дизајниран преку новиот Закон за буџети.

Врз основа на наведеното, се предлага донесување на Законот за буџетите во предложениот текст“, се вели во законското образложение.

М.В