/ Прочитано:

551

Уставниот суд поведе постапка за член 66 став 3 и 4 од Законот за буџети

Соопштение

Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за оценување на уставноста на членот 66 став 3  и став  4 од Законот за буџети. Ова значи дека во оваа фаза Судот изразува сомнеж во уставноста на  сегашното посебно правило со кое се исплаќаат 30% како надополнување на основната плата на вработените во Министерството за финансии и вработените во другите органи на управата опфатени со Автентичното толкување.

Според Судот, предвидување на исплата на оној начин како што е уредена во оспорениот став, без претходно да се утврди такво право во закон за вработените е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност и во спротивност со член 32 став 5 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените се уредуваат со Закон и колективен договор.

Од друга страна Судот цени дека со одредбата неосновано е уредено посебна група на вработени да добиваат определен износ изразен во проценти, врз основа на исплата на специфичните задачи и посебната одговорност. Што значи дека со оваа одредба се ставаат во повластена положба само вработените кои се опфатени во оспорениот член и Автентичното толкување, наспроти сите други вработени кај буџетските корисници, што е основ за сомнеж и во поглед на член 9 став 2 од Уставот кој определува дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите.

Дополнително, оваа одредба став 3 содржи правни поими кои се нејасни и неразбирливи и недефинирани со ниту еден закон, како што е изразот „надополнување на плата”, бидејќи во Законите постои додаток на плата, а не е познато каква категорија е надополнувањето.

Во однос на т.н времена мерка, Судот на седницата одлучи да се запре извршувањето на сите поединечни акти или дејствија кои произлегуваат од член 66 став 3. Ова значи дека до конечната одлука на Уставниот суд, не може да се вршат исплати или надополнување на плата во износ од 30% на конкретните вработени. Времената мерка важи од денот на донесување, од денеска.

Оваа иницијатива е поднесена од страна на граѓанин Мирослав Драганов од Скопје.