/ Прочитано:

1.929

Објавен Извештајот за вработените во јавниот сектор

Министерството за информатичко општество и администрација, денеска го објави Извештајот за вработените во јавниот сектор за 2017 година. Податоците во Извештајот се резултат на вкрстена анализа на податоците од Министерство за финансии, Агенција за вработување, МИОА и Фондот за здравствено осигурување.

Според овие податоци, во 2017 година имало 1.299 институции и 128.722 лица со работен однос. Од МИОА посочуваат дека оваа бројка е за 931 помала од бројот на вработени во 2016 година. По етничка припадност, 75,36 проценти се Македонци, 19,31 проценти Албанци, Турци се 1,84 проценти, Роми 1,14 проценти итн. По образование, 42,45 се со високо образование, со  средно образование се 34,81 отсто, а со осново образование се 9,67 проценти.

Најмногу вработени има во образованието, 32 проценти. Следува  здравството, каде што има 18 проценти, во државната управа се 15 проценти, додека во локалната власт се 5 проценти.

„Во Извештајот за прв пат се објавува бројот на вработените во акционерските друштва во 100 % државна сопственост и вработените преку Агенцијата за привремени вработувања. Во акционерските друштва има 8.633 вработени, а преку АПВ работно ангажирани се вкупно 1.624. Оваа бројка до мај 2017 била значително поголема – 2.064 лица. Вкупната бројка на вработени, вклучително АД и АПВ, изнесува 139.009 вработени“, информираше министерот Манчевски. За разлика од овие бројки, Регистарот на вработени, што треба да е основен извор на овие податоци, покажува различна слика, односно 1.304 институции и 69.380 активни решенија. Причина за ова е нередовното и несоодветно внесување и ажурирање на податоците во Регистарот“, вели министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

„Тоа што сакам да го  потенцирам е дека активно работиме на конечно решавање на овој проблем. Со таа цел, како што знаете, променивме 4 закони (Законот за Управа за јавни приходи, Законот за даночна постапка, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и Законот за вработени во јавниот сектор). Ова резултираше со значително зголемување на внес на податоци во Регистарот. Само за илустрација, во декември 2017 година имало 15.533 организациони единици (сектори, одделенија), додека во март 2018 година нивниот број е 37.615“, нагласува министерот Манчевски.

По завршувањето на законски предвидениот рок од 3 месеци за внесување на сите податоци во Регистарот, по што ќе следува санкција со неисплаќање на плати, конечно ќе имаме Регистар кој ќе одговори на задачата за која во 2014 се платени 2 милиони евра пари од граѓаните.

Целосниот извештај на следниот линк:
Годишен извештај за податоците од Регистарот на вработените во јавниот сектор 2017

M.В