/ Прочитано:

1.317

Обвинителството сè уште води истрага за прислушуваните материјали пронајдени кај Захир Бекири

Захир Бекири – Чауш беше осуден на две и пол години казна затвор за сторени повеќе дела фалсификување на исправа и парична казна од 123 илјади денари за делото злоупотреба на лични податоци, додека неговиот брат Имер беше осуден за делата фалсификување на исправа на една година казна затвор и парична казна од 61 500 денари за делото злоупотреба на лични податоци.

Судење на браќата Захир и Имер Бекири

Иако беа најавени прислушувани материјали како дел од предметот „Фабрика за афери“ при неговото обелоденување од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, тие не беа дел од обвинението ниту, пак, врз основа на нив судот донесе пресуда за браќата Бекири.

Захир Бекири – Чауш беше осуден на две и пол години казна затвор за сторени повеќе дела фалсификување на исправа и парична казна од 123 илјади денари за делото злоупотреба на лични податоци, додека неговиот брат Имер беше осуден за делата фалсификување на исправа на една година казна затвор и парична казна од 61 500 денари за делото злоупотреба на лични податоци.

Во изјава за „24 Вести“ од ОЈО Скопје наведуваат дека сè уште трае постапката за утврдување на потеклото на снимките пронајдени во компјутерот на обвинетиот.

„На предметот интензивно се работи. Со подетални информации, Основното јавно обвинителство – Скопје ќе ја информира јавноста по завршување на истрагата“, велат од Обвинителството за „24 Вести“.

Предметот беше отворен на 19 декември од страна на Основното јавно обвинителство Скопје кое постапуваше во врска со случајот на фалсификуваните лични карти кои му беа предадени на МВР од страна на новинарот на „Фокус“ Љубиша Арсиќ.

„Во вршење на истражни дејствија, успешно е спроведена акција по наредба на јавен обвинител, во која е пронајдена тајната работилница каде што е вршено фалсификувањето на документите. Станува збор за обемен материјал, опрема и апаратура која се користела за изработка на фалсификуваните лични карти и други документи. Пронајдениот материјал е одземен и е предмет на натамошна анализа и истражување. За овој настан приведени се три лица, но постојат индиции и за инволвирани други лица и за сторени други  кривични дела“, информираа минатата година од Обвинителството.

Подоцна, на 23 декември обвинителот Јован Цветановски во изјава, покрај опремата за фалсификување на лични карти и пасоши, спомена и прислушувани разговори кои наводно биле пронајдени кај Захир Бекири.

„При извршен претрес на станови на првоосомничениот во случајот, Захир Бекири, пронајдени се поголем број обрасци за патни исправи, возачки дозволи и за лични карти. Исто така, пронајдени се и машини, преси, како и друга опрема за фалсификување документи. Во компјутерите пронајдени во домот на првоосомничениот, најдени се папки што содржат десетици илјади телефонски разговори“, изјави Цветановски.

Предметот против браќата Бекири се водеше по скратена постапка.

М. С.