/ Прочитано:

1.342

ПРЕСУДА ЗА СЛУЧАЈОТ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Две и пол години за Захир и една година казна затвор за Имер Бекири

Покрај тоа, Судот ги прогласи за виновни и за делото злоупотреба на лични податоци и им одреди парична казна од 123 илјади денари за Захир и 61 500 денари за Имер Бекири.

Судење на браќата Захир и Имер Бекири

Судот ги прогласи за виновни браќата Захир и Имер Бекири за сторени неколку кривични дела фалсификување на исправа и им одреди казна затвор, две и пол години казна затвор за Захир и една година за Имер Бекири. Покрај тоа, Судот ги прогласи за виновни и за делото злоупотреба на лични податоци и им одреди парична казна од 123 илјади денари за Захир и 61 500 денари за Имер Бекири.

При соопштувањето на пресудата, судијката Гордана Спиревска истакна дека делото изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, кое им се става на товар, не претставува кривично дело, односно во описот на обвинението не биле содржани битните елементи на кривичното дело, поради што ги ослободи од гонење за тоа дело.

Судот донесе решение за ослободување од притвор на обвинетите, кое ќе стане правосилно по истекување на рокот за жалба.

Според Обвинителството, во текот на целата кривична постапка се потврдиле сите наводи од обвинителниот предлог против двајцата обвинети.

„Доказите изведени во текот на главната расправа неспорно ја потврдија основаноста на поднесениот обвинителен предлог, а со тоа и кривичната одговорност на обвинетите Захир и Имер Бекири за кривичните дела за кои се товарат со ова обвинение. Кривичната одговорност на обвинетите е утврдена со материјалните докази: записници за претрес, потврди за привремено одземените предмети, вештачењата и споредбените анализи – извештаи изработени од МВР на РМ, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и Одделот за криминалистичка техника и испитувања, голем број на известувања за извршени проверки, како и со јасните и недвосмислени искази на сведоците и вештаците, со кои се  надополни во целост фактичката состојба“, истакна во завршниот збор обвинителката Наташа Гоџовска.

Браќата негираа вина и кривична одговорност за делата што им се ставаат на товар.

Захир Бекири е обвинет за изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, фалсификување на исправа од членот 378 ст.3 вв со чл. 22 вв со чл. 45, злоупотреба на лични податоци од членот 149 ст. 1 вв со чл. 22, две кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со ст. 1 вв со чл. 22 , три кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со ст. 1 сите од Кривичниот законик, додека, пак, обвинетиот Имер Бекири се товари дека сторил кривично дело изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со чл. 22 вв со чл. 45, злоупотреба на лични податоци од членот 149 ст. 1 вв со чл. 22 , фалсификување на исправа од членот 378 ст.3 вв со ст. 1  и две кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со чл. 22.

М. С.

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Обвинителството побара осудителна пресуда, одбраната тврди дека обвинението е однапред смислено сценарио

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Захир Бекири тврди дека нема ниту еден доказ дека фалсификувал лични карти

МВР се обиде неовластено да снима во судница на судењето за случајот „Фабрика за афери“

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Обвинетиот Захир Бекири побара изземање на обвинителката и на судијката од случајот

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Новинарот Арсиќ сведочеше, но не го откри идентитетот на пријавувачот

СУДЕЊЕ „ФАБРИКА ЗА АФЕРИ“: Браќата Бекири негираат вина. Сведоците потврдуваат дека им биле злоупотребени податоците

Процесот против браќата Бекири за фалсификување исправа e одложен поради барање за дополнителен увид во доказите