/Прочитано:

4.407

ОДЛУКА НА УСТАВНИОТ СУД: Битолчани ќе може да чуваат повеќе од две кучиња и кучиња што „постојано лаат и завиваат“

Уставниот суд, по иницијативата поднесена од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, го укина членот 106 од Одлуката за комунален ред на Општина Битола, донесена од Советот на Општина Битола во 2012 година. Во оваа одлука, меѓу другото, беше предвидено во едно семејно домаќинство да може да се чуваат до две кучиња. Од Уставниот суд истакнуваат дека никаде во законодавството не се пропишува дека во едно семејство може да се чуваат само две кучиња, па според тоа Одлуката е спротивна од уставен и од законски аспект, односно дека е во спротивност со уставните определби.

Инаку, во укинатиот член 106 од Одлуката се пропишуваше и дека не е дозволено чување кучиња кои постојано лаат и завиваат и дека не е дозволено чување кучиња во згради и во нивните дворови, освен чување кучиња со педигре.

Според Судот, пропишувањето на Советот на Општината Битола од членот 106 став 6 од Одлуката за должноста за прибавување писмено одобрение од куќниот совет на колективната станбена зграда за чување кучиња во згради и во нивните дворови нема основа во закон. Имено, од анализата на одредбите од Законот за домување, кој ги уредува прашањата од областа на домувањето во станбени згради, произлегува дека наведениот закон воопшто не предвидел писмено одобрение на куќниот совет за чување на домашен миленик, од каде што вакво одобрение не може да пропише ни единицата на локалната самоуправа.

Врз основа на направената анализа на изнесената регулатива произлегува дека единиците на локалната самоуправа можат да ги реализираат законски пренесените овластувања за пропишување, односно доуредување на условите за чување животни и домашни миленици, но исклучиво само во однос на дворните места.

Во Законот за локалната самоуправа, во Законот за комуналните дејности, во Законот за заштита и благосостојба на животните, во Законот за домување и во други закони не се наоѓа пренесено овластување за единиците на локалната самоуправа да ги доуредат: бројот на домашните миленици кои можат да бидат чувани во едно семејно домаќинство, начинот на нивното движење надвор од дворните места, барањето на посебно одобрение за чување на миленик од куќниот совет или пак да забрани чување на куче кое постојано лае и завива надвор од законски предвидена процедура.

Во 2015 година, исто така, на иницијатива на Здружението за заштита на животните „Анима мунди“,  Уставниот суд го укина и членот 176 од Одлуката за комунален ред на Општина Штип,  со кој се ограничуваа  правата на  станарите на зграда да чуваат кучиња.

Во укинатиот член се предвидуваше дека сопственикот на кучињата „е должен сместувањето и чувањето на кучињата да го уреди на начин што нема да пречи на мирот и спокојството на соседите.“ За таа цел во Одлуката беше пропишано дека не е дозволено чување кучиња „со ќуд на постојано лаење и завивање.“

„За ваквото пропишување, според Судот, нема овластување ниту во наведениот, ниту во кој било друг закон во Република Македонија кој го уредува прашањето во однос на третманот и бројот на домашни миленици – кучиња кои можат да бидат чувани во едно семејно домаќинство“, беше образложено од страна на Уставниот суд.

Уставниот суд поведе постапка за Oдлука на Општина Битола според која во едно семејно домаќинство може да се чуваат до две кучиња

Уставниот суд ја укина забраната за чување куче во зграда или куче што „постојано лае“

УСТАВНИОТ СУД НА ИНИЦИЈАТИВА НА АНИМА МУНДИ: Забраните да се чува куче што „постојано лае“ и да се чува куче во зграда немаат законска и уставна основа!

M.В