/ Прочитано:

1.399

Осигурителната индустрија со умерен пораст во првите шест месеци од годинава

„Осигурителниот сектор во првите шест месеци од годинава оствари добивка по оданочување во износ од 166,9 милиони денари. Осум од друштвата за неживотно осигурување имаат добивка од 193,4 милиони денари, а три загуба од 62,8 милиони. За разлика од нив, сите друштва за осигурување на живот имаат добивка во вкупен износ од 36,3 милиони денари. Умерен раст има кај бруто-пласираната премија и бројот продадени договори за осигурување. Забележано е зголемено профитабилно работење на друштвата за осигурување, пораст на капиталот, пораст на активата, на финансиските вложувања како дел од активата, како и зголемување на бројот на вработувањата“, соопшти денеска Климе Попоски, директорот на Агенцијата за супервизија на осигурување.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето денеска на прес-конференција соопшти дека најголем број осигурителни полиси се склучуваат за автоодговорност, а потоа се имотното и животното осигурување.

Климе Попоски, директорот на Агенцијата за супервизија на осигурување, појасни дека во сите видови осигурувања има пораст на продажбата на полиси и договори, а најголемо учество од 45 отсто во вкупната продажба има задолжителното осигурување од автоодговорност.

Според него, во првите шест месеци од 2017 година осигурителната индустрија во Македонија бележи умерен пораст во сите сегменти од своето работење.

„Осигурителниот сектор во првите шест месеци од годинава оствари добивка по оданочување во износ од 166,9 милиони денари. Осум од друштвата за неживотно осигурување имаат добивка од 193,4 милиони денари, а три загуба од 62,8 милиони. За разлика од нив, сите друштва за осигурување на живот имаат добивка во вкупен износ од 36,3 милиони денари. Умерен раст има кај бруто-пласираната премија и бројот продадени договори за осигурување. Забележано е зголемено профитабилно работење на друштвата за осигурување, пораст на капиталот, пораст на активата, на финансиските вложувања како дел од активата, како и зголемување на бројот на вработувањата“, соопшти Попоски.

На новинарско прашање, зошто е висока цената на зелениот картон во Македонија, Попоски рече дека земјава има најниска просечна цена на зелениот картон и задолжителното осигурување од автоодговорност за патничко возило во регионот и изнесува 89 евра. Во Србија е 110 евра, во БиХ 147, Црна Гора 150 и Албанија 135 евра.

„Во овие земји има регулирана цена, а во земјите од ЕУ има слободно формирање на цената. За да се намали цената на зелениот картон, потребно е да се либерализира пазарот за автоодговорност и осигурителните компании да ги одредуваат цените врз база на ризик-карактеристиките на секој поединечен возач или возило, како што е секаде. Цената на зелениот картон би се намалила и доколку биде задолжителен за сите возила“, рече Попоски.

Заклучно со 30 јуни, на пазарот на осигурување во земјава активно работат 15 друштва за осигурување од кои 11 вршат работи за неживотно осигурување, а четири осигурување на живот.

Денеска Агенцијата за супервизија на осигурувањето му издаде дозвола за вршење работа на Друштвото за осигурување „Триглав осигурување живот“, со што стана петто друштво кое врши осигурување на живот. На пазарот работат и 33 осигурителни брокерски друштва, 14 друштва за застапување во осигурување и три деловни банки кои работат како застапници во осигурување. Во друштвата за осигурување се вработени 1.927 лица, или за 17,43 отсто повеќе во однос на минатата година.

А. Б.