/ Прочитано:

687

Подобрени институционални капацитети, но и недостиг на стратешки мерки за справување со трговијата со луѓе

Денес, 17 октомври 2019 година, во пресрет на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) го промовираше извештајот на тема „Трговија со луѓе и криумчарење на мигранти во Северна Македонија“. Овој документ е дел од активностите кои ги спроведува Македонското здружение на млади правници во рамките на Проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите. Извештајот може да се преземе на следниот линк.

Овој документ има цел да ја запознае јавноста со ризиците и со проблемите со кои се соочуваат бегалците и мигрантите, нивната ранливост, неопходноста од поангажиран пристап на институциите и на општеството во целина. Еден од заклучоците нотирани во извештајот упатува на постоењето на подобрени капацитети на институциите за справување со криумчарењето на мигранти и со трговијата со луѓе, но во исто време упатува и на недостигот на стратешки мерки кои ќе осигурат одржлив одговор на предизвиците.

Според извештајот, неопходно е да се обезбеди континуирано јакнење на капацитетите за справување со криумчарењето на мигранти и со трговијата со луѓе, вклучително и прилагодување на капацитетите и инфраструктурата, кои беа изградени во текот на мигрантската криза, кон новонастанатите услови. Во оваа насока, исто така, потребно е да продолжат и да се интензивираат активностите насочени кон превенирање на ризиците нерегуларните мигранти да станат жртви на трговија со луѓе, како и да се обезбедат соодветни капацитети за прием и сместување на (потенцијалните) жртви на трговија со луѓе. Извештајот дава препорака враќањето на странците да се врши во постапка утврдена со закон и во согласност со склучените договори за реадмисија, во која на странците ќе им биде овозможен пристап до правна помош и правни лекови. Овозможувањето на возрасните жртви на трговија со луѓе да го остварат правото на надомест на штета кое им следува како на жртви на кривично дело и основањето посебен фонд за оваа намена е исто така еден од неодложните чекори кои мора да се преземат.

M.В