Полскиот претседател стави вето на спорните правосудни закони: „Законите не го засилуваат чувството на правда во општеството“
Полскиот претседател Анджеј Дуда соопшти дека става вето врз двата контроверзни закони за реформи на полскиот судски систем кои предизвикаа големо незадоволство и протести во државата.
Според полскиот претседател, кој е и доктор по правни науки, Законот за Врховниот суд и Законот за Националниот совет за судството не го засилуваат чувството за правда во општеството и спорните законски решенија. Според постапката, за законите сега повторно треба да се расправа во Долниот дом на Парламентот.
„Одлучив законите да му ги вратам на Долниот дом на Парламентот, што значи дека ќе ставам вето на Законот за Врховниот суд, како и на Законот за Националниот совет за судството“, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда, кој голем дел од својата професионална кариера ја има поминато во правосудството.
Пред да биде избран за претседател, Дуда работел како адвокат и професор по административно право, а бил и член на Полскиот државен трибунал, државен секретар и правен советник во кабинетот на поранешниот конзервативен претседател Лех Качински. Исто така, Дуда бил заменик министер за правда, член на полскиот Парламент и европратеник.
Според полското законодавство, претседателот на државата има ограничени овластувања, тој е врховен командант на армиските сили и може да стави вето на законите изгласани во полскиот Парламент.
На масовните протести за спорните закони на кои полскиот претседател стави вето, беше порачано дека целосното уништување на независноста на судството и на судиите длабоко ќе ја поткопа демократијата, а критики упати и Европската Унија, од каде што нагласија дека овие мерки ги уриваат демократските принципи на поделба, контрола и рамнотежа на власта.
М.В