/ Прочитано:

6.988

Правни инструменти за заштита на личните податоци од злоупотреба и повреда на правата

Правото на заштита на личните податоци како основно право на човекот и граѓанинот е загарантирано со Уставот на Република Македонија, поконкретно со членот 18 со кој се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. Правната и институционална рамка за заштита на личните податоци, пак, во Република Македонија е утврдена со Законот за заштита на личните податоци. Исто така, Република Македонија со Закон ја има ратификувано и Конвенција бр. 108/81 за заштита на физичките лица, која се однесува на автоматската обработка на личните податоци на Советот на Европа.

Барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци

„Доколку граѓаните сметаат дека им е повредено правото на заштита на личните податоци, можат да поднесат Барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци“, велат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

„За таа цел потребно е граѓанинот да ги наведе своите личните податоци, како и податоците за контролорот кој смета дека му го повредил правото на заштита на лични податоци. Не може да се поднесува барање против непознат контролор. Дирекцијата за заштита на личните податоци ќе одлучи со решение по  барањето на граѓанинот.“

Контролор на збирка на лични податоци во смисла на Законот за заштита на личните податоци е физичко или правно лице, орган на државната власт или друго тело, кое самостојно или заедно со други ги утврдува целите и начинот на обработка на личните податоци.

Иницијатива за вршење на инспекциски надзор

Граѓанинот, велат од Дирекцијата, може да поднесе и иницијатива за вршење на инспекциски надзор во Дирекцијата за заштита на личните податоци. Доколку граѓанинот  се сомнева дека е повредено правото на заштита на лични податоци на поголем број граѓани, посочуваат од Дирекцијата, може да поднесе Иницијатива за вршење на инспекциски надзор.

Од Дирекцијата воедно велат дека граѓаните имаат и право да поднесат тужба до надлежен суд за надомест на штета во судска постапка против контролорот на збирка на лични податоци, доколку неовластено ги користел, односно ги давал на користење личните податоци или на каков било друг начин ги злоупотребил  личните податоци на граѓаните.

Тужба за надомест на штета поради повреда на правото на заштита на лични податоци против  контролорот може да се поднесе во секое време, без разлика дали претходно е утврдена повреда на правото од страна на Дирекцијата за заштита на личните податоци“, посочуваат од Дирекцијата.

Секој граѓанин има право да се обрати до имателот на личните податоци

Адвокатот Владимир Кацарски вели дека заштитата на личните податоци претставува правен инструмент со кој носителите на личните податоци се штитат од злоупотреба на нивните податоци при секојдневното живеење и работење. Таквото право е лично. Секое лице кое смета дека неговите лични податоци не треба да бидат изложени за јавно објавување и обработување има право да бара од имателот на личните податоци да престане да ги користи.

„Тука, пред сè, мислам на разните рекламни кампањи кои секојдневно се одвиваат во интернет-просторот и каде што редовно постои опција да се обележи одредено квадратче кое дава или не дава право за употреба на личните податоци, конкретно за рекламни цели и кампањи“, вели Кацарски.

Секој граѓанин, истакнува адвокатот, кој смета дека му се повредени личните податоци има право лично или преку полномошник да се обрати до имателот на личните податоци. Ова обраќање треба да биде основано (навистина да постои несогласност за нивно користење и неправилност во прибавувањето), треба да биде прецизно (да се знае што сака граѓанинот со тоа) и, на крај, треба јасно да ја даде понатамошната желба на граѓанинот за нивна (не)употреба.

„Морам да нагласам дека во одредени ситуации предвидени со закон, граѓанинот мора да ги сподели своите лични податоци заради остварување одредено право или интерес. Тука би сакал да ги споменам разните барања кои секојдневно се упатуваат до органите на управата при составување на договори, при составување тужби и судски поднесоци и слично. Но, доколку при нивното прибавување на овој начин се јави злоупотреба за други цели од страна  на оној што ги прибавил вака доставените лични податоци, тогаш граѓанинот има право да бара правна заштита“, посочува Кацарски.

Ако отпадне основаноста на употребата на личните податоци, со тоа отпаѓа и основаноста за изготвување каква било фактура

Во мојата адвокатска практика, образложува адвокатот, како главен пример за заштита на личните податоци можам да го наведам предметот со „БЕГ“ ДОО Скопје.

„Во тој предмет, Дирекцијата за заштита на личните податоци при својот вонреден надзор утврди дека се злоупотребени личните податоци за изготвување фактури за наплата на сопственици на станови кои никогаш не биле, ниту денес се приклучени. Управниот суд на РМ, при постапување по тужбата доставена до него, ја има уважено тужбата и има утврдено дека постои повреда на личните податоци во таа конкретна ситуација. При постапувањето по жалба, Вишиот управен суд во целост ја потврди првостепената одлука на Управниот суд на РМ. Со вака донесената пресуда од страна на Вишиот управен суд отворена е нова можност за сите граѓани кои никогаш не биле, ниту пак се приклучени на системот на централно парно греење во Градот Скопје да поднесат своја апликација за да им се признае ова нивно право. Морам да истакнам дека ако отпадне основаноста на употребата на личните податоци, со тоа отпаѓа и основаноста за изготвување каква било фактура која претставува основа за понатамошно водење извршна или судска постапка“, истакнува адвокатот Владимир Кацарски.

M.В