Правото на интелектуална сопственост во судската практика на ЕСЧП (низ призмата на членот 8 и членот 10)
Извадок од книгата „Интелектуална сопственост како човеково право: заштита пред Европскиот суд за човекови права“ од д-р Јелена Ристиќ
2.3. Правото на интелектуална сопственост во судската практика на Европскиот суд за човекови права (низ призмата на членот 8 и членот 10)
„Пресудата на ЕСЧП од 2004 година, усвоена во врска со случајот Von Hannover v. Germany, „ги донесе прашањата во врска со приватноста на чело на правата од интелектуална сопственост.” Во овој случај, принцезата Каролина фон Хановер од Монако тврдела дека фотографите ја нарушиле нејзината приватност со тоа што ја фотографирале неа и нејзиното семејство во разни неслужбени јавни и приватни околности, при што тие фотографии биле објавени од страна на три германски списанија. Имено, станувало збор за неколку фотографии направени додека таа била на одмор, неколку фотографии на кои таа била со нејзините деца, на некои фотографии била фотографирана на разни јавни места, а на една фотографија таа била фотографирана во ресторан, заедно со своето момче.
Принцезата Каролина ги тужела германските списанија пред германските судови, барајќи судот да издаде налог за забрана на понатамошно објавување на фотографии од страна на списанијата, при што тврдела дека со тоа е сторена повреда на нејзиното право на приватност и правото да ја
контролира нејзината слика (лик), во согласност со германскиот Закон за авторско право, како и повреда на нејзините лични права, во согласност со германскиот Основен закон.
Основните и апелационите судови го одбиле нејзиното барање поради нејзиниот статус на јавна личност. Имено, според германските судови, жалителот претставува „современа личност par excellence и поради тоа морала да го толерира објавувањето на односните фотографии, кои биле направени на јавни места без нејзина согласност.” Судовите понатаму утврдиле дека „дури и во случај постојаното прогонување од страна на фотографите да го направило нејзиниот секојдневен живот тежок, тоа произлегло од легитимната желба за информирање на општата јавност.”
Во понатамошната жалбена постапка, Федералниот суд на правдата одлучил дека фотографиите каде што е сликана во ресторан претставуваат повреда на нејзиното право на приватност, со оглед дека се работи за „изолирано” место, но дека сите останати фотографии не го повредуваат
нејзиното право на приватност, со оглед дека таа претставува „современа личност par excellence” и затоа мора „да толерира објавување на фотографии на кои таа се појавува на јавно место, дури и ако се работи за фотографии кои прикажуваат сцени од нејзиниот секојдневен живот, а не за фотографии кои прикажуваат како таа ги извршува своите службени функции.“
По донесувањето на оваа пресуда, таа се обратила до Федералниот уставен суд на Германија, чијашто одлука е донекаде цитирана од страна на ЕСЧП во неговата пресуда во врска со овој случај.
Федералниот уставен суд на Германија донел пресуда што се сметала за исклучително значајна, при што одлучил дека иако некои од фотографиите претставуваат повреда на правото на приватност, неколку од нив не претставуваат повреда на ова право. Имено, Федералниот уставен суд извршил балансирање меѓу нејзиното право на приватност и правото на слободно изразување. Притоа, Федералниот уставен суд укажал дека забавата заслужува соодветна заштита, во согласност со концептот на слобода на изразување. Исто така, укажал дека печатот е овластен да има одредено „поле за маневар” при носење на одлуките што е во јавен интерес
за да се печати. Така, Судот одлучил дека фотографиите на кои е таа со нејзините деца на поизолирани локации претставуваат нарушување на приватноста, но дека останатите фотографии, дури и оние фотографирани на некои полуприватни локации, се сметаат за легитимни поради нејзиниот статус на јавна личност.
Незадоволна од одлуките на германските судови, принцезата Каролина поднела жалба до ЕСЧП, тврдејќи дека со одлуките на германските судови е извршена повреда на нејзиниот приватен и семеен живот, во согласност со членот 8 од Конвенцијата. ЕСЧП одлучил……“
Прочитајте за исходот од судската постапка, и за многу други интересни и корисни случаи во книгата на д-р Јелена Ристиќ која може да ја најдете во книжарницата на Академик ДООЕЛ Скопје. Повеќе за книгата на следниот линк: https://akademik.mk/kniga/intelektualnata-sopstvenost-kako-chovekovo-pravo-zashtita-pred-evropskiot-sud-za-chovekovi-prava/.