/ Прочитано:

1.139

Заклучок на Врховниот суд за примена на принципот на пропорционалност имплементиран во пресудата на ЕСЧП Радика Превози ДОО Љубљана против РСМ

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, согласно член 31 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Северна Македонија (Службен весник на РСМ бр.14/2022), постапувајќи по Препорака на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права во однос на пресуда на ЕСЧП од 21 март 2023 година во предметот Радика превози ДОО Љубљана против Северна Македонија, А. бр.52003/18, на седницата одржана на 09.10.2023 година, го донесе следниот:

З А К Л У Ч О К

При одлучување по тужбено барање за надомест на штета која произлегува од времено одземање на предмети во кривична односно прекршочна постапка, особено во услови кога постапката не завршила со утврдување на кривична односно прекршочна одговорност, независно од која причина, судот треба да го примени трипартитниот тест изграден во праксата на Европскиот суд за човекови права, што значи да се утврди дали во конкретниот случај мерката била законита, дали истата имала легитимна цел, како и дали истата била пропорционална, што треба да биде и соодветно образложено.

Принципот на пропорционалност на спорната мерка–времено одземање на предмети подразбира дека судот е должен да го испита вештиот наод и мислење изготвен во однос на висината на побаруваната штета односно изгубена добивка, доставен од страна на тужителот, за да се утврди дали со временото одземање не е предизвикана поголема штета од неизбежната, како и за да се обезбеди рамнотежа меѓу засегнатите интереси, а согласно пресудата на Европскиот суд за човекови права Радика превози ДОО Љубљана против Северна Македонија, А. бр.52003/18, од 21 март 2023 година.

О б р а з л о ж е н и е

Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 09.10.2023 година расправаше по дописот со Препорака на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права бр.0901-100/6 од 11.06.2023 година, за предметот Радика превози ДОО Љубљана против Северна Македонија, А. бр.52003/18, пресуда на ЕСЧП од 21 март 2023 година, за донесување на начелен став или заклучок на надлежниот оддел на линија на принципите и ставовите на ЕСЧП изразени во предметната пресуда, во која се потенцира принципот на пропорционалност при одлучување за надомест на штета за времено одземање на предмети во кривична, односно прекршочна постапка, особено во услови кога кривичната, односно прекршочната постапка не резултирале со утврдување на кривична односно прекршочна одговорност, независно од причините.

Во наведената пресуда од страна на Европскиот суд за човекови права е констатирана повреда на членот 1 од Протоколот бр.1 (право на сопственост) на Европската конвенција за човекови права. Предмет на пресудата е граѓанска постапка за надомест на штета која ја иницирала компанијата апликант. Имено, компанијата апликант која професионално се занимавала со транспорт и која била сопственик на транспортното возило, и било привремено одземено од полицијата додека било управувано од г-динот Ф. во рамки на прекршочна царинска постапка во април 2010 година, а подоцна односно во септември 2012 година истото било вратено на компанијата апликант откако Царинската управа констатирала дека неговото задржување не е повеќе потребно. Во 2012 година компанијата апликант иницирала граѓанска постапка за надомест на штета која наводно ја претрпела како последица на временото одземање на возилото, на име изгубена добивка, имајќи ја предвид дејноста со која се занимавала и фактот дека возилото кое било сопственост на компанијата било неупотребливо во предметниот период за остварување на дејноста која била извор на приход за компанијата апликант. Во прилог на тужбеното барање бил доставен вешт наод и мислење, а самата тужба била поднесена врз основа на член 141 од Законот за облигационите односи.

Со пресуда ТС-835/12 од 01.12.2014 година на Основниот суд Скопје II Скопје, одбиено е тужбеното барање на тужителот со образложение дека државата не може да се смета за одговорна, од причина што возилото било привремено одземено на законит начин поради постоење на основано сомнение за сторен царински прекршок, а не е одземено како резултат на пропуст или незаконито постапување на некој од државните органи кои постапувале во врска со одземањето на возилото. Со ТСЖ-444/15 од 30.12.2015 година на Апелациониот суд Скопје, била потврдена пресудата на првостепениот суд, а од страна на Врховниот суд на РМ со пресуда Рев1.бр.5/2017 од 28.02.2018 година, ревизијата бија одбиена.

ЕСЧП констатирал дека мерката за привремено одземање на возилото, во околностите на случајот била законита и имала легитимна цел, насочена кон превенирање на злоупотреба на царинскиот систем, но и повреда на правото на сопственост при оценката на пропорционалноста на мерката за привремено одземање на возилото во контекст на граѓанска постапка за надомест на штета, имајќи предвид дека компанијата апликант била сопственик на возилото, кое во конкретните околности било вратено во солидна форма по протек на две години и пет месеци.

Воедно ЕСЧП констатирал дека домашните судови спровеле многу формалистичко испитување на тужбеното барање, ограничувајќи се само на законитоста на спорната мерка за времено одземање на возилото. ЕСЧП, иако истакнал дека мерката била законита за целото нејзино траење, истото не е доволно да се заклучи дека била во согласност со членот 1 од Протоколот бр.1, бидејќи можело да стане непропорционално, особено, во отсуство на испитување на аспектите кои се важни за исходот на граѓанската постапка.

Од страна на ЕСЧП се забележува дека наводите на компанијата апликант во постапката за надомест на штета, во вид на изгубена добивка, што било поткрепено и со вешт наод и мислење, а со оглед дека возилото било основно средство за работа на компанијата, кое таа била спречена да го користи во период подолг од две години, претставува аргумент кој потенцијално имал клучна улога при оценката на пропорционалноста на мерката за привремено одземање, а што не било предмет на соодветна оценка од страна на домашните судови. Притоа се укажува дека ваквиот пропуст на домашните судови не бил во согласност со обврската на домашните судови кои требале да го применат трипартитниот тест ( дали мерката е законита, дали имала легитимна цел и дали била пропорционална) и да оценат дали временото одземање на возилото не предизвикало за компанијата апликант повеќе штета од нужно неопходната.

Поради наведеното, ЕСЧП заклучил дека домашните судови не обезбедиле правичен баланс помеѓу засегнатите интереси (сопственичкиот интерес на компанијата апликант и јавниот интерес за превенирање на царинскиот систем) и не обезбедиле соодветна заштита на сопственичките права на компанијата апликант во контекст на граѓанската постапка.

Поради наведеното, а согласно Препораката на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права, Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија го донесе заклучокот заради исполнување на обврската од член 46 од Европската конвенција за човекови права, за извршување на пресудата на Европскиот суд за човекови права.

Оддел за граѓански дела